Новата апликација aPS3e овозможува играње на PS3 класици на Android уреди, но бара сериозен хардвер и сопствени игри
Љубителите на златната ера на PS3 сега имаат уште еден начин да им се навратат на омилените игри – преку Android телефон. На Google Play продавницата се појави нов емулатор наречен aPS3e, базиран на популарниот емулатор RPCS3 кој со години се користи на Windows, macOS и Linux платформите.
aPS3e е целосно бесплатен за преземање, а постои и верзија од 5 долари која не нуди дополнителни функции, туку само поддршка за развојот. Емулаторот е без реклами, но за да можете воопшто да го користите, вашиот телефон мора да има сериозни перформанси – што подразбира моќен процесор, минимум 6–8 GB RAM и модерен графички процесор (GPU).
Важно е да се напомене дека емулаторот не доаѓа со игри. За да играте, мора да поседувате легални PS3 игри во ISO или PKG формат, како и соодветен PS3 firmware кој легално може да се преземе од официјалната страница на Sony. aPS3e користи иста основа како RPCS3, што значи дека игрите кои се компатибилни со PC верзијата ќе имаат слична (или иста) поддршка и на Android.

Ова е првпат да постои стабилна мобилна верзија на RPCS3 за Android, па се очекува голем интерес од ретро и гејминг ентузијастите. Секако, искуството при играње ќе зависи од спецификациите на телефонот, па најновите модели со Snapdragon (како 8 Gen 2/3) имаат најголеми шанси успешно да ги извршуваат познатите и барани наслови како The Last of Us или Uncharted.
Во секој случај, ова е важен чекор за мобилниот гејминг и уште еден показател за тоа колку телефоните станале сериозни верзии на џебни гејмерски конзоли.


