Изгледа дека Apple сè повеќе инвестира во сегментот на додатоци за проширена реалност, бидејќи наводно работи на четири модели на паметни очила и три нови уреди од Vision линијата.
Долгогодишниот аналитичар на Apple, Минг-Чи Куо објави детална временска рамка за развојот на паметните очила и наглавните уреди од Vision линијата. Според неговите наводно доверливи информации, Apple планира да претстави три модели на паметни очила и три нови Vision уреди во наредните неколку години.
Првиот модел ќе биде директен конкурент на Ray-Ban очилата од Мета, кои стануваат сè попопуларни меѓу креаторите на содржини на социјалните мрежи. Ќе има камера, можност за снимање видеа, вградени звучници, гласовна контрола и напредни AI функции. Масовното производство треба да започне во вториот квартал од 2027 година, а Куо проценува дека Епл би можел да испорача помеѓу 3 и 5 милиони единици до крајот на истата година.
Бидејќи станува збор пред сè за моден додаток, Куо вели дека корисниците ќе можат да изберат помеѓу различни материјали за рамките, како и различни бои.

Освен тоа, Apple развива и очила за проширена реалност со LCoS (Liquid Crystal on Silicon) екрани, гласовна контрола и поддршка за гестикулации, чие масовно производство е предвидено за вториот квартал од 2028 година. Куо додава дека се планираат и очила што ќе се поврзуваат со iPhone и други уреди од Епл, кои првично беа предвидени за 2026, но проектот во меѓувреме е одложен.
Што се однесува до наглавните уреди, Епл подготвува неколку важни новитети. Куо тврди дека годинава доаѓа освежен Vision Pro со M5 чип, чие масовно производство треба наскоро да започне, а се планира да се произведат меѓу 150.000 и 200.000 единици. По тоа, во 2026 нема да има нови модели, но веќе за 2027 и 2028 Епл развива три нови уреди.

Еден од нив ќе биде Vision Air, значително полесен наглавен уред кој треба да биде околу 40 проценти полесен од актуелниот Vision Pro. Се очекува во третиот квартал од 2027, со чип од ниво на iPhone, куќиште од легура на магнезиум и помал број на сензори, со цел да се намали цената и да се зголеми достапноста.
Втората генерација на Vision Pro е планирана за вториот квартал од 2028, со нов, полесен дизајн и подобрен чип.



