Јапонскиот суд ја забрани продажбата на серијата Pixel 7 поради прекршување на стандарден патент во сопственост на јужнокорејската компанија Pantech, а забраната би можела да се прошири и на поновите модели.
Google се соочува со сериозен проблем! Во последниве години Pixel телефоните бележат голем успех на јапонскиот пазар, со сè поголеми продажни бројки – станувајќи дури и втор најпопуларен бренд, веднаш по Apple. Но сега, продажбата на Pixel телефоните е забранета со одлука на јапонски суд.
Според најновите извештаи, судот пресудил дека Google го прекршил стандарден и обврзувачки патент што е во сопственост на Pantech. Поради тоа, продажбата на Pixel 7 серијата е забранета. Ова е воедно и првпат во историјата на јапонското правосудство да се изрече забрана за продажба поради повреда на стандарден патент. Како главна причина за ваквата строга одлука, судот го навел „неискрениот и неконструктивен став на Google“.

Иако Pixel 7 серијата е веќе речиси три години стара, па можеби моменталното влијание врз продажбата не е големо, проблемот тука не завршува. Pantech веќе поднел барање за забрана на продажбата и на поновите Pixel 8 и Pixel 9 модели. Доколку судот ја одобри и оваа забрана, тоа би било сериозен удар за Google.
Дополнително, новите Pixel 10 телефони треба да бидат претставени во август, што уште повеќе го зголемува притисокот врз компанијата. Јавноста сега внимателно следи како Google ќе се справи со оваа сè поозбилна правна битка околу патентите.


