Откако со финансиска поддршка од Google, Commonwealth Fusion Systems ќе го стартува својот прв фузиски реактор, компанијата ќе откупи 200 MW производствен капацитет на енергија без штетни емисии
Google објави дека склучил досега најголем договор за директно преземање на енергија произведена преку фузија во светот. Договорот е со компанијата Commonwealth Fusion Systems (CFS), и со него технолошкиот гигант се обврзува да купува 200 MW електрична енергија без јаглероден отпечаток, која ќе се произведува во првата комерцијална фузиска електрана на CFS. Како што беше неодамна објавено, оваа електрана веќе ги доби првите елементи од идниот токамак.
Овој договор претставува втора голема инвестиција на Гугл во CFS, компанија која е ко-финансирана и од фондот на Бил Гејтс – Breakthrough Energy Ventures, со што се продолжува поддршката за развој и комерцијализација на нивната фузиска технологија. Главната цел е да се забрза патот до комерцијалната примена на фузијата, со посебен фокус на изградбата на првата електрана, наречена ARC, која ќе се наоѓа во округот Честерфилд во американската сојузна држава Вирџинија.
Патот до комерцијализација
Договорот е осмислен со цел да ја поддржи компанијата CFS во унапредување на нивните научни и инженерски достигнувања и да помогне во трансформирањето на технологијата од фаза на развој во комерцијална примена. Фузиската енергија се смета за еден од најперспективните извори на чиста енергија, бидејќи не создава стакленички гасови и има потенцијал да обезбеди речиси неограничени количини електрична енергија. Од Гугл велат дека токму таквата енергија им е клучна за понатамошно намалување на емисиите на стакленички гасови што настануваат при напојувањето на нивните дата-центри.
Нивниот извештај за одржливост неодамна покажа дека емисиите поврзани со дата-центрите се намалуваат, но вкупните емисии на ниво на целиот синџир на снабдување на компанијата сè уште растат.
Како дел од инвестицискиот договор, Гугл доби и опција да купува електрична енергија од идните постројки што CFS ќе ги изгради. Со тоа оваа соработка не претставува само еднократна набавка, туку стратешко партнерство насочено кон долгорочно снабдување со чиста енергија и поттикнување на развојот на револуционерна технологија, за која се надеваат дека може да ја промени глобалната енергетска слика.
За фузијата да стане комерцијално исплатлива, прво мора да се докаже која технологија може да произведе повеќе енергија отколку што се вложува за иницирање на контролирана фузиска реакција, односно која прва ќе постигне позитивна енергетска биланса. Досега ниту една приватна компанија не го постигнала тоа, но во Гугл се надеваат дека најновите достигнувања го доближиле токму CFS до тоа да биде првата.