Google несомнено собира голем број кориснички податоци од Android уредите, но судот во Калифорнија пресуди дека технолошкиот гигант мора да исплати 314,6 милиони долари на корисниците во оваа американска сојузна држава поради „злоупотреба“ на нивните податоци.
Поротата застана на страната на корисниците, кои во 2019 година поднесоа колективна тужба претставувајќи околу 14 милиони жители на Калифорнија. Во тужбата се наведува дека Google собирал податоци од неактивни Android уреди – без дозвола од корисниците. Овие податоци очигледно биле користени за целно огласување и слични цели, додека во исто време се користел и мобилниот интернет на самите корисници.
Адвокатот Глен Самерс изјави дека пресудата „силно го потврдува суштинскиот дел од случајот и ја одразува сериозноста на недоличното однесување на Google“.
Портпарол на Google за Reuters изјави дека пресудата „погрешно ги интерпретира услугите кои се клучни за безбедноста, перформансите и сигурноста на Android уредите“ и најави дека компанијата ќе поднесе жалба. Претставниците на Google во судницата изјавиле дека корисниците се согласиле со ваквите преноси на податоци преку условите за користење и политиките за приватност. Тие тврдат дека ниту еден корисник на Android не е оштетен од ваквите практики.
Ова не е единствена тужба по ова прашање. Одвоена тужба, покрената во име на уште 49 други сојузни држави, содржи исти обвинувања, а судењето за тој случај е закажано за април 2026 година.