Nothing го претстави своиот прв вистински флегшип телефон, кој повеќе нема препознатливи LED светилки на задната страна, но сè уште е мошне необичен, особено поради асиметричниот систем на камери
Веројатно еден од најочекуваните, но и дизајнерски најнеобични телефони оваа година, Nothing Phone (3), официјално беше претставен во вторникот со прилично храбар редизајн и низа важни надградби. За почеток, LED светилките на задната страна, односно интерфејсот Glyph како што го нарекува Nothing, заминува во пензија и го заменува Glyph Matrix — монохроматски LED екран сместен во горниот лев агол на задната страна на телефонот.

На прв поглед, Glyph Matrix не изгледа толку „кул“ како стариот Glyph интерфејс, но затоа е технолошки понапредно решение. Се состои од 489 поединечно осветлени LED диоди кои отвораат нова димензија на корисни функции — прикажува дојдовни известувања, но и разни игри кои може да се активираат преку специјалното Glyph копче.
Кога веќе зборуваме за задната страна, која сега изгледа понеобично од кога било, да го споменеме и асиметричниот систем на камери, предводен од 50-мегапикселeн сензор со големина 1/1.3 инчи и оптичка стабилизација на слика (OIS). Покрај него се наоѓа и 50-мегапикселeн телефото сензор со леќа еквивалентна на 70 mm, 3x оптички зум и телемакро можности, што овозможува фотографирање објекти од оддалеченост од само 10 cm.
Третата камера е ултраширок сензор од 50 MP со агол на гледање од 114°, додека на предната страна, во екранот, е сместена селфи камера исто така со 50 MP.

Да се вратиме сега на предната страна на телефонот. Nothing Phone (3) има 6,67-инчен AMOLED екран со Full HD+ резолуција и адаптивна стапка на освежување од 120 Hz. Екранот достигнува максимална осветленост од 4.500 нита, што е во согласност со овој ранг на телефони, а доаѓа и со релативно тенки рамки и PWM затемнување од 2.160 Hz.
Кога станува збор за процесорот (SoC), Nothing се одлучи за Qualcomm Snapdragon 8s Gen 4, во комбинација со 12 или 16 GB RAM и 256 или 512 GB внатрешна меморија. Станува збор за чипсет кој нуди речиси врвни перформанси со пониска потрошувачка на енергија и подостапна цена. Во пракса тоа значи дека Nothing Phone (3) ќе може да извршува сè без застој, а задоволни ќе бидат и гејмерите, особено во конфигурација со 16 GB RAM.

Од другите спецификации, Phone (3) има силициум-карбонска батерија со капацитет од 5.150 mAh и поддршка за 65W жично и 15W безжично полнење. Исто така, поседува IP68 сертификат за отпорност на вода и прав, што досега не сме го виделе кај Nothing телефони. Софтверскиот дел го покрива Nothing OS 3.5, базиран на Android 15, и Nothing ветува 5 години големи Android надградби и 7 години безбедносни закрпи.
Nothing Phone (3) ќе биде достапен во црна и бела боја. Почетната верзија со 12 GB RAM и 256 GB внатрешна меморија ќе се продава по цена од 799 евра, додека моделот со 16 GB RAM и 512 GB простор ќе чини 899 евра. Преднарачките започнуваат на 4 јули, а почетокот на продажбата е закажан за 15 јули.

