Астрономите следат објект што се движи кон нас, а кој може да биде од друг ѕвезден систем, објавува АП. Научниците открија што би можел да биде само третиот познат меѓуѕвезден објект што поминува низ нашиот Сончев систем, објави доцна во вторникот Европската вселенска агенција (ESA).
Безопасниот објект моментално е во близина на Јупитер, стотици милиони километри од Земјата, и се движи кон Марс, но не би требало да се приближи до сонцето, според научниците.
Сè уште е прерано да се утврди дали објектот – моментално означен како A11pl3Z – е карпест астероид или ледена комета, како и неговата големина и облик. Потребни се дополнителни набљудувања за да се потврди неговото потекло. NASA соопшти дека внимателно ја следи ситуацијата.
Астрономот Јозеп Триго-Родригез од Институтот за астрофизика во близина на Барселона, Шпанија, верува дека станува збор за меѓуѕвезден објект врз основа на неговата необична траекторија и екстремната брзина со која се движи низ Сончевиот систем. Тој проценува дека има дијаметар од околу 40 километри.
Првиот потврден меѓуѕвезден посетител бил во 2017 година. Именуван е Оумуамуа, што на хавајски значи „извидник“, во чест на опсерваторијата на Хаваи што го открила. Првично бил класифициран како астероид, но подоцнежните карактеристики доведоа до негова класификација како комета, иако неговата издолжена форма продолжува да ги збунува научниците.
Вториот познат објект за кој е потврдено дека доаѓа од друг ѕвезден систем е 21/Борисов, откриен во 2019 година и речиси сигурно комета.