Новата, четврта генерација на OLED технологија од LG носи рекордна осветленост, верна репродукција на бои и освежување до неверојатни 720 Hz.
LG официјално започна масовно производство на својата најнапредна OLED технологија досега, наречена „Dream OLED“, која е наменета пред сè за гејминг екрани. Станува збор за четвртата генерација на OLED панели од LG, кои комбинираат фосфоресцентни и флуоресцентни сини OLED слоеви за подобра ефикасност, поголема осветленост и подолг век на траење на панелите.
Првиот панел што излегува од производството е 27-инчен гејминг OLED екран кој достигнува рекордна максимална осветленост од 1.500 нити, што го прави најсветлиот OLED монитор досега. Дополнително, тој има импресивна репродукција на бои од 99,5%, со што LG тврди дека нуди најпрецизен приказ на бои меѓу сите постојни OLED решенија. Панелот има освежување од 280 Hz, а се претпоставува дека ќе прикажува 4K резолуција.
LG за оваа технологија доби сертификати како Perfect Black, Perfect Color и 100% Color Fidelity, издадени од организациите UL Solutions и Intertek. Панелот користи и специјален антирефлексивен премаз кој елиминира 99% од одблесоците, што го прави погоден за употреба во било какви светлосни услови, вклучувајќи и простории со силно осветлување.
Покрај тоа, LG најави и првиот OLED екран со освежување од 540 Hz при QHD (1440p) резолуција, наменет пред сè за професионални гејмери. Со помош на својот интерен алгоритам за оптимизација на сликата, панелот ќе поддржува и DFR (Dynamic Frequency & Resolution) технологија која овозможува приказ на слика до 720 Hz при 1080p (Full HD) резолуција.
Масовното производство на 540/720 Hz панелите е планирано за втората половина на 2025 година, со што LG влегува во нова фаза од развојот на високоперформансни OLED панели, насочени особено кон еспорт и гејминг ентузијастите, пренесува Tweak Town.