Иако новото ажурирање и редизајнот на приказот на фотографии не ги отстрануваат постојните функционалности во Google Photos, некои корисници ќе треба да се навикнат на преместените опции.
Новото ажурирање на Google Photos носи освежен приказ на фотографии, со цел прегледот да биде уште поедноставен. Промените веќе се достапни за корисниците на iOS, а наскоро ќе бидат достапни и за Android.
Како што наведуваат од Google, најголемата визуелна новина е воведувањето на светол режим, кој автоматски ќе ја прилагодува позадината на приказот на фотографиите според темата на системот на уредот. Информациите за датумот, времето и локацијата на фотографирањето сега се прикажани на врвот од екранот, а под нив се наоѓаат нови ознаки кои овозможуваат брзи акции – како пуштање на „live“ фотографии, промена на категорија, зачувување на споделени слики и управување со просторот за складирање.
Google исто така истакнува дека надградбата не ги укинува постојните функционалности, но некои опции се преместени. Така, алатката Google Lens е преместена од алатната лента во менито со три точки во горниот десен агол, каде се сместени и други опции.
Нов систем за управување е додаден и за таканаречените „burst“ (рафални) снимки, кои корисниците сега можат да ги менуваат преку посебно мени до минијатурите. Таму се нудат и опции за избор на насловна фотографија, раздвојување или бришење на повеќе слики одеднаш.