Најновото ажурирање, кое се инсталира речиси тајно под ознака KB5001716, не носи никакви нови и важни функции, туку „присилно“ ги подготвува вашите компјутери за надградба и ве известува за истекување на поддршката за постојните верзии на Windows 10 и 11.
Мајкрософт тивко го пушти во оптек ажурирањето со ознака KB5001716 на одредени компјутери со Windows 10 и 11, без посебна најава и без опција корисниците сами да го побараат. Иако не се работи за класично ажурирање кое носи нови функции или закрпи, овој „скриен“ пакет има важна цел – да ги потсети корисниците дека нивната верзија на Windows се ближи до крајот на поддршката и потенцијално да ги принуди на надградба на системот.
Што всушност е Windows KB5001716?
Според документацијата на Мајкрософт, KB5001716 е помошно сервисно ажурирање за самиот Windows Update систем. Неговата главна функција е да овозможи и иницира преземање на функционални надградби кога верзијата на Windows што ја користите повеќе нема да биде поддржана или поддршката наскоро ќе истече.
Како што се наведува:
„По инсталацијата на ова ажурирање, Windows може да се обиде да преземе и инсталира функционални надградби доколку верзијата на системот што ја користите достигнала или се приближува до крајот на поддршката.“
Исто така:
„Windows повремено може да прикажува известувања за проблеми кои можат да го спречат Windows Update да го одржува вашиот компјутер ажуриран и заштитен.“
Со други зборови, KB5001716 служи како механизам за информирање и благо присилување на корисниците да преминат на понови верзии на системот – било на понова верзија на Windows 10 или, почесто, на Windows 11, доколку хардверот тоа го дозволува.
Што значи ова за вас?
Ако сте го добиле KB5001716, тоа најверојатно значи дека користите верзија на Windows која веќе не се ажурира редовно или наскоро ќе ја изгуби поддршката. Ова ги вклучува верзиите како што се:
- Windows 10 21H2 и 22H2
- Windows 11 21H2
И покрај најавата на Мајкрософт за дополнителна година на бесплатни безбедносни закрпи за Windows 10 во посебни случаи, ова ажурирање KB5001716 покажува дека системот ќе продолжи да прикажува предупредувања, но со почитување на режими како што се „quiet hours“, играње во цел екран и „focus assist“.
Иако ова ажурирање не се појавува во класичниот Windows Update прозорец како важно ажурирање, неговото присуство значи дека Мајкрософт ве подготвува за надградба на оперативниот систем, дури и во случаи кога вашиот компјутер е постар. Тоа не значи дека надградбата ќе се изврши веднаш и без ваша дозвола, но е индикатор дека е време да проверите дали вашиот хардвер ги исполнува условите за Windows 11 и да размислите за следниот чекор, пишува PC World.