Во најновите намалувања на работни места во Microsoft, загубија 9.100 вработени, при што најпогоден беше секторот за видео игри.
Microsoft потврди дека отпушта дури 9.100 вработени, односно околу четири проценти од вкупната работна сила, како дел од уште еден бран на намалување трошоци оваа година. Според Seattle Times, најголем удар претрпе секторот за видео игри, вклучувајќи ја и Xbox дивизијата, иако прецизни податоци за бројот на погодени по оддели сè уште не се познати.
Раководителот на Xbox, Фил Спенсер, во пораката до вработените изјави дека компанијата ќе престане или ќе ја намали активноста во одредени делови од бизнисот за да се фокусира на стратешкиот раст и да се поедностави управувањето.
„За да го обезбедиме долгорочниот успех на секторот за игри и да се насочиме кон најважните области за раст, ќе укинеме или намалиме активности во некои делови од бизнисот и ќе го намалиме бројот на управувачки нивоа за да бидеме побрзи и поефикасни“, порача Спенсер.
Bloomberg известува дека дивизијата King, позната по популарната игра Candy Crush, го намалува бројот на вработени за 10 проценти, односно околу 200 лица. Отпуштањата ги погодиле и други европски развојни студија, како што е Zenimax, додека британски Rare поради намалувања го откажа развојот на Everwild, игра најавена уште во 2019 година.
Овие масовни отпуштања следеа помалку од два месеци откако Microsoft отпушти повеќе од 6.000 вработени, а дополнителни 305 работни места беа укинати на почетокот на јуни. Во изминатата година, компанијата повеќепати ја намалуваше бројката на вработени – во јануари беа отпуштени 1.900 лица од Activision Blizzard и Xbox, во мај беа затворени некои развојни студија, додека во јуни останаа без работа уште 1.000 вработени од тимовите на HoloLens и Azure Cloud.
Покрај тоа, во септември, во рамките на реструктуирањето по аквизицијата на Activision Blizzard, дополнително беа отпуштени 650 лица. Иако компанијата тврди дека овие намалувања се неопходни за одржување на долгорочниот раст и конкурентноста, се наведува дека тие сериозно ја нарушиле моралната состојба во Microsoft.