Sony и AMD заеднички развиваат нова технологија за супер резолуција преку проектот Amethyst, а нејзината прва практична примена ќе пристигне на PS5 Pro веќе следната година.
Сопствениците на PlayStation 5 Pro конзолата можат да се радуваат на сериозно унапредување на перформансите што ќе пристигне во 2026 година. Марк Черни, главниот архитект на PlayStation, потврди дека Sony планира воведување на нова генерација на алгоритам за графичко скалирање на слика (upscaling), кој ќе ја замени постоечката PSSR технологија (PlayStation Spectral Super Resolution).
Новиот алгоритам е развиен во рамки на повеќегодишната соработка меѓу Sony и AMD, позната како Project Amethyst. Оваа иницијатива, започната во 2023 година, има за цел заеднички развој на напредни машински алгоритми и невронски мрежи за подобрување на приказот на игрите во реално време. Черни истакнува дека новата технологија е „директна замена за PSSR“ и дека ќе биде лесна за имплементација од страна на програмерите.
Важно е да се нагласи дека оваа надградба ќе биде достапна исклучиво за PS5 Pro моделите, бидејќи основната PS5 конзола хардверски не ја поддржува PSSR технологијата.
Иако Sony користи сопствен алгоритам, новата верзија се базира на знаења стекнати преку развојот на AMD FSR 4 технологијата (FidelityFX Super Resolution), која веќе се покажала како сериозен конкурент на Nvidia DLSS решението. Дел од развојот на FSR 4 е резултат токму на партнерството преку Project Amethyst, а придонесот на Sony вклучува обезбедување сложени сцени од игри кои се користат како референца за тренирање на алгоритмите.
Благодарение на тесната соработка на двата гиганти, напредокот е постигнат побрзо од очекуваното, а новиот алгоритам е развиен за помалку од една година. AMD веќе ја имплементираше FSR 4 технологијата во своите графички картички од серијата Radeon RX 9000, а истата „целосна“ верзија ќе се користи и во PS5 Pro.
Черни исто така истакнува дека соработката со AMD ги унапредила и внатрешните процеси во Sony. Така, на пример, првпат е формиран посебен тим за проверка на квалитетот на секоја нова верзија на алгоритмот, што досега беше практика само кај AMD.
Се очекува новата технологија на PS5 Pro значително да го унапреди квалитетот на сликата и фрејмрејтот, особено во игри кои бараат комплексна графика. Употребата на невронски мрежи и напредна анализа на сцени овозможува поефикасен приказ на сликата дури и при пониски интерни резолуции.
Интересно е што знаењата стекнати преку Project Amethyst ќе ги користи не само PlayStation платформата, туку и идните AMD графички архитектури, вклучувајќи ја и следната генерација на RDNA 5 чипови. Така, и PC гејминг заедницата ќе има корист од соработката на двата гиганти.
Засега, Черни нагласува дека Sony се фокусира исклучиво на софтверски унапредувања, додека AMD паралелно интензивно работи на следната генерација GPU технологија. Иако нема официјални информации за следната PlayStation генерација, јасно е дека темелите за неа веќе се поставуваат.
Корисниците на PS5 Pro конзолата можат да ја очекуваат новата верзија на PSSR алгоритмот во текот на 2026 година, што може да претставува едно од најголемите софтверски унапредувања на конзолата од нејзиното лансирање, пренесува Toms Guide.