Новата верзија на iOS носи корисни функции, како што се пресликување на iPhone на Mac и Live Activities, но европските корисници можеби воопшто нема да ги добијат поради Законот за дигитални пазари.
Корисниците на Apple уредите во Европската унија можеби ќе останат без низа нови функционалности поради строгите регулативи што произлегуваат од Законот за дигитални пазари (DMA). Како што потврди Кајл Андер, претседател на правниот оддел на Apple, некои од претстојните функции на iOS 26, како што се пресликувањето на iPhone на Mac и Live Activities, ќе бидат одложени или можеби воопшто нема да бидат достапни на европскиот пазар.
Дополнително, неофицијално се спомнува дека корисниците во ЕУ би можеле да останат и без AirDrop – алатка за брзо споделување содржина, која е достапна за европските корисници на iPhone уште од iOS 7 во 2013 година, пренесува The Wall Street Journal.
Поради сето ова, Apple тврди дека обврските што ги пропишува DMA ги принудуваат да ги споделуваат своите технологии со трети страни, што според нив е штетно за нивното работење и за безбедноста на корисниците. Дополнително, предупредуваат дека некои од барањата поврзани со приватноста се нереални и дека одат во прилог на одредени компании, особено европски.
Во секој случај, интересно е да се набљудува како Apple се бори со регулаторните тела на ЕУ, додека истовремено без противење ги исполнува сите барања на кинеската влада. Имено, во Кина Apple работи според построги правила отколку во Европа, но таму не ги доведува во прашање одлуките на властите и редовно се прилагодува на локалните закони за да го задржи пристапот до едно од своите најголеми пазари и до клучниот синџир на снабдување.
Така, на пример, уште во 2018 година сите податоци на кинеските корисници ги префрли во дата центри со кои управува државна компанија, со што кинеските власти добија полесен пристап до тие информации. Исто така, Apple од кинескиот App Store отстрани илјадници апликации, вклучувајќи VPN сервиси и медиумски платформи, а прифаќа и цензура на содржини кои се достапни на други пазари.
Токму таа разлика во пристапот – која вклучува отворена критика на европските регулатори поради заштита на приватноста и конкуренцијата, додека во Кина без приговор се исполнуваат сите барања – често предизвикува критики дека Apple не е доследен во промовирањето на своите начела за приватност и слобода на избор на корисниците.