Оваа оддалеченост не е секогаш иста, бидејќи орбитата на Земјата сè повеќе добива кружна форма поради гравитациските влијанија од други небесни тела.
На 3 јули 2025 година, во 15:54 по источноамериканско време (21:54 по средноевропско), Земјата го достигна афелот, односно најоддалечената точка од Сонцето во текот на годината. Во тој момент, растојанието помеѓу центарот на Земјата и центарот на Сонцето изнесуваше 152.087.738 километри. Тоа е околу 5,1 милиони километри повеќе од перихелот (најблиската точка), кој се случува секоја година на почетокот од јануари – следниот пат на 3 јануари 2026.
Иако орбитата на Земјата е речиси кружна, таа всушност е благо елиптична, поради што доаѓа до овие сезонски промени во растојанието. Интересно е што Земјата во јануари прима околу 6,8% повеќе сончево зрачење отколку за време на афелот во јули – и тоа среде зима на северната хемисфера.
Ако сме подалеку од Сонцето, зошто тогаш летото е толку жешко?
Оваа временска коинциденција помеѓу најоддалечената точка и летото нема никаква врска со годишните времиња. Сезоните не зависат од оддалеченоста од Сонцето, туку исклучиво од наклонот на Земјината оска на ротација. Во текот на јули, северната хемисфера е наклонета кон Сонцето, па затоа имаме лето. Во јануари, пак, јужната хемисфера е наклонета кон Сонцето, додека северната е во сенка – затоа имаме зима.
Датумите на афелот и перихелот постепено се поместуваат – отприлика еден ден на секои 58 години – поради сложените гравитациски влијанија, пред сè од Јупитер и Сатурн. Така, на пример, кон крајот на 19. век, перихелот се случувал точно на Нова година, додека во 13. век датумите на солстициумите често се совпаѓале со точките на афел и перихел.
Обликот на орбитата на Земјата се менува
Орбитата на Земјата не е постојана. Под влијание на гравитацијата на големите планети, таа во периоди од стотици илјади години варира – од благо елиптична до речиси совршено кружна. Моментално се наоѓаме во фаза кога орбитата е најблиску до кружна. Овој процес е дел од Миланковичевите циклуси, кои значително влијаат и на климатските промени на долги временски скали.
Како орбитата влијае на должината на годишните времиња?
Интересен факт е дека должината на годишните времиња не е иста – токму поради обликот на орбитата. Астрономски гледано, годината се дели на четири еднакви орбитални квадранти, но поради елиптичната форма на орбитата, брзината на движење на Земјата не е секогаш иста.
Резултатот? Летото на северната хемисфера моментално трае 4,66 дена подолго од зимата, а пролетта е за 2,9 дена подолга од есента. Како што орбитата ќе станува сè покружна, овие разлики ќе се намалуваат, пишува IFL Science.