Иако кинеските производители денес произведуваат паметни телефони со капацитет и над 6.000, па дури и 7.000 mAh, Apple би можел да го достигне некогашниот пазарен стандард од 5.000 mAh дури со iPhone 17 Pro Max.
iPhone 17 Pro Max ќе доаѓа со поголема батерија од онаа кај iPhone 16 Pro Max, кој има капацитет од 4.685 mAh. Според нови гласини од Кина, iPhone 17 Pro Max конечно ќе биде првиот iPhone што ќе достигне капацитет од 5.000 mAh.
Имено, капацитетот на батеријата од 5.000 mAh до неодамна беше стандард кај Android телефоните, сè додека кинеските производители не почнаа да користат батерии од силициум и јаглерод (SiC), со што ја надминаа таа граница. Сепак, бидејќи оваа технологија сè уште не е прифатена кај производители како Samsung и Google, Apple најверојатно нема наскоро да ја усвои.
Што се батерии од силициум и јаглерод?
SiC батериите користат анода од силициум и јаглерод (silicon-carbon), што овозможува поголема енергетска густина во споредба со класичните графитни аноди. Благодарение на тоа, можат да складираат повеќе електричен полнеж во ист волумен на батеријата, со што се зголемува капацитетот без значително зголемување на тежината или големината.
Инаку, зголемувањето на капацитетот на батеријата кај iPhone 17 Pro Max и не е толку невообичаено, бидејќи досега секоја нова генерација донесуваше благо зголемување. Единствен исклучок е iPhone 15 Pro Max, кој всушност имаше нешто помала батерија од својот претходник поради различно искористување на просторот во куќиштето.