Патентот опишува технологија на Apple сензор со динамички опсег од 120 dB и вградена обработка на слика на ниво на пиксел, што би можело целосно да ги промени правилата во мобилната и филмската фотографија.
Apple минатиот месец поднесе патент за нова технологија на напреден сензор за слика, кој теоретски може да понуди динамички опсег до дури 120 dB, односно речиси 20 светлосни степени – што е приближно до долната граница на динамичкиот опсег на човечкото око и далеку над она што денес го нудат дури и најнапредните филмски камери со голем формат.
Како и секогаш кај патентите, важно е да се напомене дека поднесувањето на патент не значи дека технологијата ќе биде нужно реализирана. Apple редовно регистрира иновации што често никогаш не завршуваат во комерцијални производи. Сепак, содржината на овој патент сугерира дека Apple сериозно размислува за развој на сопствен сензор за слика, потенцијално целосно независен од постојните добавувачи како Sony и Samsung.
Како функционира Apple сензорот според поднесениот патент?
Патентот со наслов „Image sensor with stacked pixels having high dynamic range and low noise“ (Сензор за слика со наслагани пиксели со висок динамички опсег и низок шум) опишува двослоен (stacked) сензор кој се состои од:
- сензорски слој (sensor die) со фотодиоди, и
- логички слој (logic die) каде секој пиксел има сопствен мемориски и процесорски склоп.
Сензорот користи LOFIC (Lateral Overflow Integration Capacitor) технологија, која овозможува фотодиодата во истиот пиксел да ги зачува и светлите и темните делови од експозицијата – што е клучен елемент за проширување на динамичкиот опсег.
Две револуционерни новини:
- Контрола на осетливоста на ниво на поединечен пиксел и намалување на шумот – Секој пиксел во сензорот може независно да се прилагоди на нивото на светлина што го прима, вклучително и динамичко прилагодување на осетливоста и редукција на шум.
- Обработка на слика на ниво на сензор – Наместо користење на HDR алгоритми за накнадна обработка (како што е случајот кај мобилните телефони со комбинирање повеќе експозиции), Apple патентот овозможува сето тоа да се случува во рамки на еден единствен снимак, директно на сензорот.
Ова не само што овозможува побрза работа, туку претставува и идеално решение за видео и burst (континуирано) снимање, каде што комбинирањето повеќе експозиции е тешко изводливо.
Иако се претпоставува дека ваквиот сензор е наменет за идни модели на iPhone, ништо не го спречува Apple да ја имплементира технологијата и во поголеми уреди – како идни професионални камери или дури и производи од Apple Vision линијата.
Доколку оваа технологија заживее, Apple би можел да стане еден од ретките производители во индустријата што развива сопствени сензори за слика со високи перформанси – што би му овозможило огромен степен на контрола и иновација во областа на фотографијата и видеото, пишува Peta Pixel.