Во тек се завршните подготовки за доаѓањето на најпопуларниот Android телефон – Samsung A17 ја поминува сертификациската процедура
Samsung се подготвува да го лансира новиот модел од својата ултрапопуларна серија – Galaxy A17, наследник на моментално најпродаваниот Android телефон во светот, Galaxy A16. Според податоците на истражувачката агенција Counterpoint, Galaxy A16 го зазеде петтото место на глобалната листа на најпродавани паметни телефони во првиот квартал од 2025 година, веднаш зад четири модели на iPhone.
Новиот Galaxy A17 е забележан на финската сертификациска платформа SGS Fimko, што јасно укажува дека се наоѓа во завршна фаза пред излегување на пазарот. Доколку Samsung се држи до претходниот распоред, A17 би можел официјално да биде претставен во октомври годинава, слично како неговиот претходник.
Според податоците од сертификацијата, A17 ќе има батерија со капацитет од 4.860 mAh (веројатно заокружено на 5.000 mAh во официјалните спецификации) и поддршка за брзо полнење од 25 W. Овие вредности остануваат исти како кај A16, без видливи унапредувања во основните карактеристики.
Сепак, најинтересната новост е можноста Galaxy A17 за првпат во „A1X“ серијата да понуди оптичка стабилизација на слика (OIS). Оваа функција, која значително ја подобрува стабилноста при снимање видеа и ноќни фотографии, досега не беше достапна кај буџет моделите на Samsung. Воведувањето на OIS системот би можело да го направи A17 значително поконкурентен, но и потенцијално да ја зголеми цената на уредот во однос на претходникот, пренесува 91mobiles.