Во Каталонија, полицијата со сомнеж гледа на секој што користи Google Pixel, поради врската со криптирани системи како GrapheneOS
Верувале или не, Google Pixel телефоните во Шпанија, поточно во Каталонија, стекнале репутација на „уреди што ги користат криминалци“. Како што пренесува Xataka Android, локалната полиција почнала да ги поврзува Pixel уредите со трговци со дрога и членови на криминални банди. Дури изјавиле дека „секогаш кога ќе видат некој со Pixel телефон, веднаш се сомневаат дека станува збор за дилер и му обрнуваат дополнително внимание“.
Секако, виновен не е самиот Pixel, туку фактот што Android дозволува инсталација на алтернативни оперативни системи. Криминалните групи во регионот претпочитаат GrapheneOS – систем познат по екстремна приватност, енкрипција и заштита од следење. GrapheneOS е, инаку, специјално оптимизиран за Pixel телефоните, поради нивната напредна хардверска безбедност и редовни безбедносни ажурирања, особено кај сериите Pixel 8 и 9.
Оваа вест предизвика бран коментари на интернет, каде многумина шеговито заклучија дека „ни Google не го очекувал ова“. Интересно е што Google сè уште нема дадено изјава, но се огласи тимот зад проектот GrapheneOS. Во нивното соопштение ја критикуваа шпанската полиција и медиумите за, како што наведуваат, „неосновано оцрнување“ на нивната платформа и Pixel уредите.
Полицијата, од друга страна, не останува немоќна. Според истиот извештај, развиени се специјализирани малициозни софтвери што ги таргетираат корисниците на GrapheneOS. Кога сомнително лице ќе падне под истрага, полицијата се обидува да внесе злонамерен софтвер во неговиот Pixel телефон, со што добива пристап до апликации, фајлови, фотографии и документи – стратегија „да се бори оган со оган“.
Ако планирате патување во Каталонија и користите Pixel, можеби е паметно да не го покажувате премногу во јавност. Во спротивно, би можеле неочекувано да привлечете внимание од полицијата.