Податоците за најавување на јавни Wi-Fi мрежи сега автоматски ќе се синхронизираат помеѓу уредите
Со приближувањето на официјалното издание на iOS 26, се појавуваат конкретни детали за унапредувањата што Apple ги подготвува за корисниците на iPhone и iPad. Меѓу нив е и едно особено корисно, а досега никаде неспомнато унапредување што ќе го олесни пристапот до јавни Wi-Fi мрежи.
Имено, iOS 26 и iPadOS 26 овозможуваат податоците за најавување на т.н. „captive“ Wi-Fi мрежи – оние што бараат дополнителна автентикација преку веб-страница, како што се мрежите во хотели, аеродроми и кафулиња – автоматски да се синхронизираат помеѓу iPhone и iPad уредите на истиот корисник. Тоа значи дека, ако се поврзете на ваква мрежа преку iPad, вашиот iPhone автоматски ќе знае како да пристапи до истата мрежа без повторно да поминувате низ процесот на најава.
Оваа функција првпат ја забележал аналитичарот Макс Вајнбах од Creative Strategies за време на престој во хотел, кога неговиот iPhone му понудил да ги користи Wi-Fi податоците кои веќе ги внел на iPad уредот.
Оваа функционалност ќе биде особено значајна за корисниците кои често патуваат или користат јавни мрежи, бидејќи ја елиминира потребата повеќепати да се внесуваат истите податоци на различни Apple уреди.
Иако Apple не ја спомена оваа функција за време на својата WWDC презентација, претходни извештаи на Bloomberg укажуваа дека е во подготовка, па нејзината тивка имплементација не е изненадување. Покрај тоа, се очекува iOS 26 да донесе и други унапредувања кои сè уште не се јавно претставени.
Официјалното издание на iOS 26 се очекува во септември, во согласност со досегашната пракса на Apple за лансирање големи ажурирања на оперативниот систем, пренесува Toms Guide.