Netflix ја претстави AV1 Film Grain Synthesis (FGS), технологија која им го враќа автентичниот филмски изглед на сериите и филмовите, а истовремено ја подобрува и стабилноста на репродукцијата.
Филмското зрно е оној „таен состојк“ што им дава на филмовите препознатлив и автентичен изглед. Иако во кино речиси и да не го забележуваме, тие ситни несовршености што трепкаат преку сликата ѝ даваат длабочина која е тешко да се пресоздаде дигитално. Сега Netflix, преку својот технички блог, откри дека нашол подобар начин за тоа, а според TechRadar, новата технологија истовремено ја подобрува и стабилноста на стримингот.
Па, што точно направи Netflix? Филмовите снимени со модерни дигитални камери често изгледаат премногу чисто и стерилно, а дури и дигитализираните верзии на стари филмови го губат оригиналното зрно при адаптација за стриминг. Тоа особено се случува на сервиси како Netflix, каде што е потребна компресија за да се намали големината на датотеките и да се обезбеди непречено стримување. За да се постигне што поголема ефикасност, процесот на компресија едноставно го отстранува филмското зрно од оригиналното видео, што значи дека гледачот добива стабилен стрим, но слика без оној вистински филмски „шмек“.

Сега тоа се менува. Netflix го потврди воведувањето на технологијата наречена AV1 Film Grain Synthesis (FGS), која овозможува прикажување на слика со пријатна зрнестост, без зголемување на големината на датотеките или оптоварување на интернет-врската.
FGS го анализира оригиналното видео за да го одреди специфичниот образец и облик на зрното. Тоа го прави со споредување на оригиналното видео со верзија од која е отстранет шумот – разликата помеѓу нив е токму зрното. Системот потоа го прилагодува интензитетот на зрното за различни сцени, според осветленоста и боите. Овие информации се испраќаат како „рецепт“ заедно со компресираното видео без зрно, а вашиот уред ги користи за во реално време повторно да го создаде ефектот на зрнестост.
Ова значи дека филмовите и сериите на Netflix отсега ќе имаат посакуван изглед на аналоген филм, со подобрен квалитет на слика и поудобно искуство при гледање.

Интересно е што за време на A/B тестирањето на оваа функција, Netflix открил дека FGS значително ја намалува потребната пропусност, ги намалува грешките при репродукција и повторното вчитување, како и времето на стартување на содржината. Сето тоа резултира со постабилно искуство при стриминг.
Ако сте возбудени и сакате да го видите FGS во акција, ќе ви треба уред што ја поддржува оваа технологија. Таа се воведува глобално од март, но за жал, сè уште не е целосно јасно кои наслови и уреди ќе ја поддржуваат.

