Компанијата Waymo, која е во сопственост на Alphabet, започна со мапирање на улиците во Њујорк и Филаделфија, што претставува прв чекор кон можно воведување на услуга со автономни такси возила на североистокот на САД.
Waymo ги започна своите препознатливи „патувања“ (road trips) во Филаделфија и Њујорк, јасно сигнализирајќи амбиции за проширување во густо населените делови на САД. Како што пренесува TechCrunch, овој потег е прва фаза во собирање податоци кои се клучни за идното работење.
Овие патувања не значат и скор старт на комерцијална услуга. Тоа е проверена стратегија што Waymo ја применуваше во градови како Хјустон, Орландо и Лас Вегас. Процесот обично започнува со испраќање на мала флота возила управувани од луѓе, но опремени со системот за автономно возење на Waymo. Целта е детално мапирање на градот. Потоа следи фаза на автономно возење, но сѐ уште со безбедносен возач зад воланот. Сите собрани податоци и искуства се испраќаат кај инженерите за понатамошна анализа и унапредување на вештачката интелигенција што го управува возилото.

Во некои случаи, ваквиот пристап водеше директно до лансирање на комерцијална услуга. На пример, по „патувањето“ во Санта Моника во 2023 година, Waymo успешно ја започна својата услуга што денес ги покрива пошироките делови на Лос Анџелес, вклучувајќи ги Беверли Хилс и Холивуд.
Во Филаделфија, Waymo планира да ги испрати своите возила во најкомплексните делови од градот, вклучувајќи го и центарот, како и автопатите. Портпаролка на компанијата изјави дека граѓаните ќе можат да ги видат возилата на Waymo „во кое било време од денот и ноќта во различни населби на Филаделфија – од North Central до Eastwick и University City“.
Во Њујорк, возилата на Waymo за почеток ќе се управуваат рачно низ Менхетен – од северниот дел на Централ Парк до The Battery, како и во делови од Бруклин. Планирано е и мапирање на делови од Џерси Сити и Хобокен во соседен Њу Џерси. Минатиот месец, компанијата поднесе барање за дозвола за тестирање на автономни возила во Њујорк (со човек зад воланот), но сè уште го чека одобрението. Ова не е прво присуство на Waymo во „Големото Јаболко“ – мала флота веќе мапираше делови од Менхетен и Њу Џерси кон крајот на 2021 година, а минатата зима се тестираа перформансите на системот во зимски услови во Бафало.
Дури и ако Waymo добие дозвола за тестирање во Њујорк, патот до комерцијална услуга ќе биде долг. Сегашната регулатива во градот не дозволува автономни возила без човек зад воланот – закон што Waymo активно се обидува да го промени.
Континуираното тестирање низ САД се надоврзува на постоечките комерцијални услуги со роботакси кои Waymo веќе ги нуди во Атланта, Остин, Заливскиот регион на Сан Франциско, Лос Анџелес и Феникс. Компанијата планира да започне со работа и во Мајами до крајот на годинава, како и во Вашингтон D.C. во текот на 2026 година.
