Американската телевизиска куќа HBO долго време го нарекуваше својот стриминг сервис HBO Max, а во еден период тој беше преименуван само во Max, но тој ребрендинг не се покажа како успешен. Затоа, од сега HBO Max повторно го добива своето старо име.
Сервисот за стриминг на видео содржини на барање, HBO Max, беше лансиран под тоа име во 2020 година, како дел од американската ТВ-куќа HBO, и оттогаш постојано минува низ одредени промени. Една од нив беше спојувањето на неговите сопственици WarnerMedia и Discovery во Warner Bros. Discovery во 2022 година, а веќе следната година новиот медиумски концерн дојде на идеја да го ребрендира HBO Max во – само Max.
Оваа промена се случи во 2023 година во САД, а кај нас стапи на сила дури минатата пролет. Освен новото име, донесе и проширување на понудата. Така, Max вклучуваше содржини од HBO Max, Discovery и Eurosport, како и од Warner Bros, DC Universe, HBO Originals, Max Originals, Discovery, TLC, Cartoon Network и други, со повеќе од двојно поголема количина на содржина отколку што претходно беше достапна на HBO Max. Со скратеното име дојдоа и нови цени на претплатничките пакети, кои сè уште се валидни, но по нешто повеќе од една година, името повторно се враќа на старото и препознатливото.

Warner Bros. Discovery објави дека HBO Max е нивната „глобална стриминг платформа што носи уникатни и интересни приказни – од најквалитетни серии, филмови, документарци, true crime содржини, анимации за возрасни, до спортски преноси и вести во живо (каде што се достапни). HBO Max е местото каде што се наоѓаат престижните забавни брендови како HBO, Warner Bros., Max Originals, DC, Harry Potter, како и култните серии како Пријатели и Теоријата на големиот прскот – сè на едно место.“
„HBO Max – Убаво е кога си дома“, е единствената порака што ја испратија по повод враќањето на некогашното име на нивната услуга и апликација. Раководството на концернот вели дека „побрзало“ со промената на името за тоа да стапи на сила пред да бидат објавени номинациите за овогодинешните Еми награди, што ќе се случи на 15 јули.

