Google ја лансираше официјалната апликација Maps за избрани Garmin паметни часовници. Апликацијата нуди навигација со turn-by-turn упатства, придружени со вибрации, и работи паралелно со следење на спортските активности.
Како што пренесува порталот 9to5Google, официјалната апликација Google Maps отсега е достапна за преземање на одредени модели, носејќи една од најпопуларните навигациски платформи директно на зглобот.
Новата апликација, која е достапна бесплатно преку продавницата ConnectIQ, е наменета за корисниците на избрани модели од сериите Venu, Forerunner, vívoactive и fenix. Главната функционалност, секако, е навигација со инструкции за секое свртување. За да биде искуството што поедноставно и побезбедно, часовникот со дискретна вибрација ќе го извести корисникот за претстојното свртување. За подобар преглед на рутата, апликацијата прикажува и следни три маневри.
Една од клучните предности на новата интеграција е можноста за користење на Google Maps навигацијата истовремено со вклучено следење на спортските активности. Без разлика дали станува збор за пешачење, трчање или возење велосипед, корисниците повеќе не мора да избираат помеѓу следење на перформансите и навигација.

Од Garmin појаснуваат: „За оние кои претпочитаат да пешачат до својата дестинација, Google Maps нуди упатства во движење со лесни вибрации на нивниот Garmin паметен часовник, за да не мораат да гледаат во телефонот додека ја преминуваат улицата или се движат низ гужва.“
Откако ќе стигнат на дестинацијата, корисниците можат да ги синхронизираат податоците за активноста од апликацијата Garmin Connect со други здравствени и фитнес апликации на Android преку Health Connect.
Иако на платформата ConnectIQ веќе постојат алтернативни апликации за мапирање, достапноста на официјалниот Google Maps сигурно ќе им користи на сопствениците на Garmin часовници кои го поддржуваат новиот апликациски додаток.

