Comet го воведува AI асистентот во прелистувачот и има за цел да го редефинира начинот на пребарување на интернет користејќи ја технологијата на Perplexity.
Стартапот Perplexity официјално го претстави својот прв веб прелистувач базиран на вештачка интелигенција под името Comet, со што директно ја предизвикува доминацијата на Google пребарувањето и Chrome прелистувачот. Новата платформа комбинира напредна вештачка интелигенција со функции на прелистувач, нудејќи уникатно корисничко искуство за оние што сакаат да ги автоматизираат секојдневните задачи и побрзо и полесно да доаѓаат до информации.
Ексклузивен пристап за Perplexity Max корисници
Во почетната фаза, Comet е достапен исклучиво за корисниците на планот Perplexity Max, кој чини 200 долари месечно, како и за ограничен број корисници од листата на чекање.
Прелистувачот ја користи AI пребарувачката на Perplexity како основен механизам, при што главната предност е прикажувањето на генерирани сажетоци од резултатите што заштедуваат време и ја елиминираат потребата од кликнување на повеќе линкови.
Comet Assistant: AI агент во рамки на прелистувачот
Една од клучните иновации на Comet е Comet Assistant — виртуелен асистент кој се појавува на страна од секоја веб-страница. Овој AI агент може да го чита содржајот на отворената страница и да одговара на прашања во реално време, без потреба корисникот да менува табови или да копира линкови. Дополнително, асистентот може да:
- сумира е-пораки и настани од календарот,
- управува со отворените табови,
- пребарува и навигира веб-страници наместо корисникот.
Иако основните задачи функционираат добро, покомплексните барања, како што се онлајн резервации и прецизно пребарување со дополнителни услови, сè уште се предизвик поради појавата на т.н. AI халуцинации — ситуации кога агентот генерира неточни или измислени информации
Конкуренција и пазарна позиција
Со лансирањето на прелистувачот Comet, Perplexity се обидува да ја заобиколи доминацијата на Chrome — моментално најпопуларниот прелистувач во светот — и директно да допре до корисниците. Сепак, конкуренцијата не мирува: The Browser Company неодамна го лансираше сличниот AI прелистувач Dia, а се шпекулира и дека OpenAI работи на сопствен прелистувач. Дури и Google го надгради Chrome со AI функции што потсетуваат на Perplexity пребарувањето.
Сепак, Comet има одредена предност — веќе постоечка корисничка база. Според извршниот директор Аравинд Срнивас, Perplexity во мај 2025 забележал 780 милиони пребарувања, со месечен раст од над 20%. Тоа би можело да обезбеди критична маса на корисници подготвени да го испробаат новиот прелистувач.
Целосната употреба на Comet Assistant бара широк пристап до корисничките сметки, вклучувајќи е-пораки, контакти, календари и содржина на екранот, пишува TechCrunch. Ваквото ниво на пристап предизвикува загриженост околу приватноста, но и навестува колкав потенцијал имаат ваквите алатки доколку се имплементираат правилно.
Comet е најамбициозниот проект на стартапот Perplexity досега. Иако сè уште не е совршен, особено при извршување на покомплексни задачи, неговата интеграција со Perplexity AI и функциите како Comet Assistant му даваат потенцијал да го промени начинот на кој корисниците пребаруваат интернет и користат прелистувачи.
Во битката против големите играчи како Google и Apple, Comet носи свеж пристап — останува да се види дали корисниците ќе го прифатат.