Во изминатите години се етаблираа веќе добро познатите имиња меѓу музичките стриминг сервиси, но за добар дел од нив е потребна месечна претплата. Наспроти нив, постојат и алтернативи кои исто така овозможуваат уживање во музика бесплатно, а една од нив е токму SimpMusic.
Станува збор за апликација за Android паметни телефони (iOS верзија е во подготовка), која се потпира на API-и од трети страни за да овозможи пристап до разновидна музичка содржина (главно достапна на YouTube), а замислена е да се користи како која било од популарните музички стриминг апликации.

SimpMusic овозможува слушање на поединечни песни, албуми, видеоспотови, па дури и подкасти. Понудени се повеќе од четириесет категории (жанрови) – од класична музика до најнови поп хитови, како и специфични тематски плејлисти. Покрај тоа, може да се пребаруваат песни, албуми, изведувачи и плејлисти, да се креираат сопствени листи за репродукција, како и да се следи историјата на слушање.
Поддржана е и репродукција во позадина, како и други помали функции и можности. Треба да се има предвид дека SimpMusic е всушност агрегатор на музичка содржина и само нуди интерфејс преку кој може да се ужива во таа содржина, користејќи API-и од трети страни – што значи дека апликацијата во некој момент може и да престане да функционира или да дојде до одредени потешкотии при користење.

Сепак, станува збор за апликација која, барем засега, доста добро си ја врши својата задача. А за оние на кои им пречат рекламите или кратките прекини при репродукција на одредена содржина, секогаш постои можност да се одлучат за Premium издание кое чини 2,09 евра месечно или 10,99 евра годишно.


