Дојде време Huawei Pura 80 серијата да го подигне сидрото и од домашното пристаниште да тргне кон светот — Европа, Латинска Америка, Азија и други региони.
Huawei минатиот месец ја претстави својата Pura 80 серија во Кина, а сега е подготвен да ги пласира моделите Pura 80, 80 Pro и 80 Ultra и на меѓународните пазари. Тоа се водечките Huawei телефони за 2025 година, при што Pura 80 Ultra особено се истакнува благодарение на променливите телефото леќи и главниот сензор со големина од 1 инч.
Пред да влеземе во детали, неколку зборови за достапноста. Pura 80 Ultra чини 5.100 AED во Обединетите Арапски Емирати, што е околу 1.400 долари, додека во Европа цената ќе изнесува 1.500 евра за единствената варијанта со 512 GB меморија и 16 GB RAM. Моделот Pura 80 Pro ќе чини 1.099 евра со ист капацитет за складирање, но со 12 GB RAM.
Huawei веќе ги постави телефоните на своите регионални веб-страници во Азија, Латинска Америка, Африка и на Блискиот Исток, што јасно укажува дека Pura 80 серијата ќе биде достапна и во тие региони, пишува GSM Arena.

Huawei продолжува да постигнува технички достигнувања во областа на камерите, па така во Pura 80 Ultra е вградена перископска телефото камера со големина од 1/1.28 инчи (50 MP) поврзана со две леќи.
Pura 80 Ultra со променливи телефото леќи
Корисниците добиваат пократка телефото леќа од 83 мм f/2.4 (3.7x) што снима со 50 MP, и друга од 212 мм f/3.6 (10x) за подолги растојанија со 12,5 MP. Huawei вградил микро-мотор кој на микронско ниво ги менува леќите, а целиот механизам содржи повеќе од 140 компоненти.
Главната камера од 50 MP е вистинска ѕверка, со RYYB сензор со големина од 1 инч, леќа со променлив отвор на бленда и рекорден динамички опсег од 16 нивоа. Присутен е и дополнителен сензор — ултраширока камера од 40 MP со еквивалент од 13 мм.
Pura 80 Ultra доаѓа со 6,8-инчен LTPO OLED екран (FHD+ 120 Hz), Huawei Kirin 9020 чипсет, до 16 GB RAM и дури 1 TB простор за складирање. Меѓународната верзија има нешто помала батерија од 5.170 mAh во споредба со кинеската верзија која има 5.700 mAh. И натаму поддржува брзо полнење: 100W жично и 80W безжично.

Моделите Pura 80 и 80 Pro добиваат LTPO OLED екрани од 6,6 и 6,8 инчи (FHD+ 120 Hz) и камери со послаби можности во споредба со Pura 80 Ultra.
Pura 80 има главна камера од 50 MP со променлив отвор на бленда f/1.4–4.0, перископска камера од 12 MP со 5x зум и ултраширока камера од 13 MP.
Моделот 80 Pro ја презема главната камера од 50 MP со променлив отвор на бленда f/1.6–4.0 од Ultra моделот. Покрај неа, има телефото камера со еквивалент од 93 мм и 4x оптички зум со поширока бленда f/2.1, како и ултраширока камера од 40 MP.
И двата модели — и обичниот и Pro верзијата — имаат батерии од 5.170 mAh и поддршка за брзо полнење од 66W.



