Новите насоки и прототип на апликација во рамки на Актот за дигитални услуги имаат за цел да обезбедат побезбедно онлајн опкружување за децата, преку минимизирање на ризиците, проверка на возраста и истовремена заштита на приватноста.
Европската комисија претстави пакет мерки наменети за подобра заштита на малолетниците во дигиталниот свет. Пакетот вклучува детални насоки за онлајн платформите и прототип на иновативна апликација за проверка на возраста, сè во согласност со одредбите на Актот за дигитални услуги. Целта на иницијативата е да им се овозможи на децата и младите безбедно да ги користат придобивките од интернетот – како што се учење, креативно изразување и комуникација – додека се заштитени од штетна содржина и однесување.
Насоки засновани на ризик
Насоките се базираат на пристап заснован на ризик, препознавајќи дека различни онлајн платформи претставуваат различни нивоа на опасност за малолетниците, зависно од нивната природа, големина и база на корисници. Се потенцира дека мерките што ги преземаат платформите мора да бидат соодветни и да не ги ограничуваат непропорционално или неоправдано правата на децата.
Апликација за проверка на возраст
Централен дел на претставениот пакет е прототипот на апликација за проверка на возраста, опишан како „златен стандард“ за почитување на старосните граници на интернет. Апликацијата е дизајнирана да биде едноставна за користење и максимално да ја заштитува приватноста на корисниците. Таа ќе им овозможи, на пример, на корисниците лесно да докажат дека имаат над 18 години при пристап до содржина за возрасни – без да го откриваат точниот датум на раѓање или идентитет. Системот е поставен така што никој не може да следи, види или реконструира каква содржина прегледува поединечен корисник.
Прототипот ќе се тестира и прилагодува понатаму во соработка со земјите членки, онлајн платформите и крајните корисници. Првите земји што ќе работат со Комисијата на имплементација на техничкото решение се Данска, Грција, Шпанија, Франција и Италија, со цел да се развијат национални апликации за проверка на возраст. Прототипот ќе може да се интегрира во постојни национални апликации или да функционира како самостојна, бесплатна апликација.
Препораки за платформите
Насоките детално објаснуваат кога и како платформите треба да ја проверуваат возраста на своите корисници. Се препорачува задолжителна проверка на возраст за платформите што нудат содржина за возрасни, како и за оние што претставуваат висок ризик за безбедноста на малолетниците. Комисијата прецизира дека методите за проверка на возраста мора да бидат точни, доверливи, робусни, ненаметливи и недискриминирачки. Целта е системите за заштита да бидат ефикасни, но и да не создаваат пречки за користење на дигиталните услуги и да не ги нарушуваат основните права на корисниците.
Насоките ќе се применуваат на сите интернет-платформи достапни за малолетници, освен оние што се во сопственост на микро и мали претпријатија.
Клучни препораки:
- Подесување на сметките на малолетници да бидат приватни по дифолт, така што нивните лични податоци и содржина на социјалните мрежи ќе бидат скриени од лица со кои не се поврзани, со цел намалување на ризикот од несакан контакт со странци.
- Измени на системите за препораки на платформите за да се намали ризикот децата да наидат на штетна содржина, вклучително и советување да се даде предност на експлицитни сигнали од децата во однос на бихевиоралните.
- Овозможување на децата да можат да блокираат и исклучуваат било кој корисник, и да не можат да бидат додадени во групи без нивна изречна согласност.
- Забрана за преземање или снимање на скриншотови од содржина објавена од малолетници, за да се спречи несакана дистрибуција на сексуализирана или интимна содржина и сексуална уцена.
- Онеможување на вградени функции што поттикнуваат прекумерна употреба и зависничко однесување, отстранување на елементи на дизајн насочени кон ангажман и поставување заштитни мерки околу AI чет-ботови.
- Осигурување дека децата не се експлоатираат поради недостиг на комерцијална писменост и дека не се изложени на манипулативни деловни практики кои водат до прекумерна потрошувачка.
- Воведување мерки за подобрување на алатките за модерирање и пријавување, со брз повратен одговор, како и поставување минимални барања за алатки за родителска контрола.