Актуелните модели на мобилни телефони на Sony веќе нема да се продаваат во Финска, како и во уште неколку европски земји. Причината за ова, наводно, е новата продажна стратегија на Sony.
Sony постепено го намалува своето работење со паметни телефони во Европа, а првите конкретни знаци за тоа доаѓаат од Финска, каде што компанијата ги повлече своите најнови модели од локалната понуда. Според пишувањата на финскиот портал Suomimobiili, моделите како што е неодамна претставената Xperia 1 VII веќе не се достапни на официјалната веб-страница на Sony за Финска, ниту кај партнерските трговци, и нема повторно да се појават во продажба.
Со овој потег, Sony најавува, како што велат, стратешко насочување кон интернет каналите за продажба, со објаснување дека сакаат на корисниците да им понудат поедноставено искуство при купувањето. Новите модели така ќе можат да се купат само преку официјалната онлајн продавница на Sony и Amazon, но само во одредени европски земји, чии имиња сè уште не се објавени.
„Xperia 1 VII не е достапна за купување директно преку Sony во Финска. Меѓутоа, постојано ја проценуваме исплатливоста на пазарот и побарувачката од страна на корисниците. Во моментов сме фокусирани на онлајн каналите за купување со цел да им овозможиме на корисниците поедноставен процес на набавка. Xperia 1 VII моментално е достапна за купување директно преку официјалната онлајн продавница на Sony и Amazon на избрани европски пазари“, изјавија од Sony за Suomimobiili.
Инаку, оваа одлука доаѓа во време кога Sony се соочува со предизвици и на домашниот пазар во Јапонија, каде што продажбата на Xperia 1 VII наиде на низа пречки, поради што дури и била прекината дистрибуцијата. Сето ова фрла дополнителна сенка врз долгорочната иднина на мобилната дивизија на Sony, која со години се бори за опстанок.