Метеоритот, кој се смета за најголемиот „дел“ од Марс на Земјата, е продаден на аукција за 5,3 милиони долари, вклучувајќи даноци и други трошоци.
Метеоритот е продаден на аукција организирана од аукциската куќа Sotheby’s во средата, и е познат под називот NWA 16788. Тежи 24,5 килограми и е масивен во споредба со повеќето марсовски метеорити, кои обично се само мали фрагменти. Метеоритите се остатоци од комети, астероиди или метеороиди кои „преживеале“ премин низ Земјината атмосфера.
Овој метеорит бил откриен во ноември 2023 година во оддалечен регион на Нигер, познат како Агадез. Станува збор за примерок кој е за околу 70 проценти поголем од следниот најголем пронајден дел од Марс на Земјата. Исто така, е многу редок, бидејќи досега на нашата планета се пронајдени само околу 400 марсовски метеорити, а воедно е и најскапиот што некогаш бил понуден на аукција. Се истакнува со својата огромна големина и црвеникава боја.

Анализата на метеоритот открила дека го напуштил Марс откако бил исфрлен во вселената по удар од астероид, кој бил толку силен што делови од метеоритот биле претворени во стакло. На површината на метеоритот може да се забележи стаклест слој, кој се формирал додека летал низ Земјината атмосфера.
Сепак, има и такви кои се загрижени поради продажбата на метеоритот, сметајќи дека тој требало да биде дониран за научни цели.

„Би било штета да заврши во сеф на некој олигарх, бидејќи припаѓа во музеј каде што може да се проучува, каде што деца и семејства можат да уживаат во него“, изјави професорот Стив Брусет од Универзитетот во Единбург.

