Македонските корисници на Apple уредите наскоро ќе можат да ги користат своите телефони и часовници за брзо, безбедно и бесконтактно плаќање.
Според локални извори и најави на социјалните мрежи, лансирањето на популарниот дигитален сервис Apple Pay се очекува оваа есен, што ќе претставува значаен чекор во модернизацијата на финансискиот екосистем кај нас.
Apple Pay е глобално прифатено решение кое веќе се користи во голем број земји ширум светот. Со него, корисниците на iPhone, Apple Watch, iPad и Mac добиваат можност за сигурно плаќање – на физички продажни места, во мобилни апликации и во онлајн продавници. Тоа е дел од пошироката визија за дигитална трансформација во банкарството и плаќањата, која сè повеќе добива на интензитет и во Македонија.
Интересот за воведување на Apple Pay го потврдуваат и македонските банки, од кои неколку веќе работат на техничка интеграција со Apple. Тоа вклучува тесна соработка со глобалните платежни мрежи Visa и Mastercard, како и локално тестирање за да се обезбедат високи безбедносни стандарди и функционална компатибилност. Слични процеси во земји како Хрватска и Бугарија покажаа дека патот до финалното активирање трае неколку месеци – со акцент на детална подготовка.

Apple Pay функционира преку NFC технологија, која овозможува корисниците само да го доближат својот уред до терминалот и трансакцијата е завршена. Притоа, се користи автентикација преку Face ID, Touch ID или лозинка, а самиот систем никогаш не ги споделува бројките на картичката со трговецот. Тоа ја прави оваа услуга особено безбедна – токму она што современиот корисник го бара.
Со имплементацијата на Apple Pay, Македонија влегува во нова ера на финтек услуги. Безконтактните плаќања веќе бележат брз раст, а според податоците од Народната банка, над 60% од сите трансакции на ПОС-терминали во 2024 година биле извршени безконтактно. Apple Pay не само што ќе го поддржи овој тренд, туку и ќе го засили натпреварот меѓу банките за понуда на иновативни дигитални производи.
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, неодамна објави на мрежата X: „Не е лошо за почеток – модернизација преку дигитализација на системите за извршување на плаќања и зголемена конкуренција во платниот промет. Paysera Македонија, Iute Pay и Apple Pay.“ Оваа порака ја рефлектира промената што се случува во системот – конкуренцијата се зголемува, а корисниците добиваат повеќе избор.

Сепак, во оваа трансформација постојат и предизвици. Дел од ПОС-терминалите, особено во помалите градови и руралните средини, сè уште не поддржуваат безконтактни плаќања. Но, оваа состојба забрзано се менува благодарение на забрзаната модернизација на платежната инфраструктура.
Друг важен аспект е едукацијата на корисниците. Иако многумина се веќе запознаени со бесконтактните технологии, користењето на Apple Pay подразбира основно разбирање на дигиталните системи и конфигурација на уредите. Затоа, од банките и Apple се очекуваат кампањи за информирање, со цел што поголема инклузивност и прифаќање на услугата.
Дополнително, важен сигнал за поддршка на дигитализацијата дојде и од регулаторниот сектор. Народната банка неодамна ја издаде првата лиценца за електронски пари на домашен субјект – Paysera Македонија, филијала на еден од водечките европски финтек провајдери. Со ова, земјата официјално доби прва институција за елекетронски пари, што го отвора патот за нови дигитални услуги и модели на плаќање.

