Проектот INVICTUS – европската платформа за тестирање на хиперсонични летала на иднината, е иницијатива на Европската вселенска агенција (ESA) и британската инженерска компанија Frazer-Nash, со цел во рок од една година да се изработи демонстрациско летало.
ESA и Frazer-Nash ја започнаа истражувачката програма INVICTUS за развој на хиперсонични технологии што ќе можат да се применат на летала кои се „повторно употребливи и способни за хоризонтално полетување“. Целта на проектот е изработка на експериментално летало што ќе може да лета со брзина од пет Махови и ќе служи за демонстрација на клучни технологии за одржлив хиперсоничен лет во рамките на Земјината атмосфера.
Проектот се надоврзува на претходни технолошки достигнувања под водство на ESA и отвора простор за индустријата, агенциите и академската заедница да тестираат хиперсонични технологии во реални услови. Леталото ќе биде модуларно и надградливо, што значи дека материјалите, софтверските решенија и погонските системи ќе може да се менуваат и прилагодуваат во различни фази на тестирање.

Клучот е во ладењето
За време на развојот, меѓу другото, ќе се работи на решавање на еден од најголемите и постојани предизвици на хиперсоничниот лет – силното загревање на леталото поради триењето со воздухот.
Втората клучна технологија во рамки на планираниот систем е водороден погонски систем за хоризонтално полетување и хиперсоничен лет, кој користи технологија на вшмукување однапред изладен воздух. Ова решение се базира на сознанија од претходниот проект на ESA – SABRE, и е развиено во соработка со британската компанија Reaction Engines. Неговиот развој ќе овозможи тестирање на целиот проток на воздух низ моторот – од усисникот до фазата на дополнително согорување (форсаж) – во реална големина и вграден во интегрирано летало.
Оваа иновација може да го излади врелиот воздух за дел од секундата, и веќе е успешно интегрирана со конвенционални млазни мотори. Освен што ја овозможува функцијата на ладење, лесната архитектура на моторот, сличен на SABRE, отвора можност за развој на вселенски летала кои полетуваат хоризонтално од писта – со што се приближуваме до целта за поширок пристап до вселената, велат од ESA.
Томасо Гидини, раководител на одделот за механика во ESA, го нагласува стратешкото значење на проектот:
„Хиперсоничниот лет не е само следната граница во авијацијата – тој отвора нова парадигма во мобилноста, одбраната и пристапот до вселената. Со совладување на повеќекратни, со воздух ладење погонски системи, ги поставуваме темелите за летала што полетуваат како авиони, а стигнуваат во орбитата како ракети – што ќе донесе револуција во копнениот и орбиталниот транспорт. Ова е точката каде се среќаваат иновацијата со двојна намена и стратешката автономија“.
Во текот на наредните 12 месеци, конзорциумот предводен од Frazer-Nash, а кој ги вклучува и Spirit AeroSystems и Универзитетот Cranfield, ќе го заврши прелиминарниот дизајн на целиот систем.


