Samsung, како најголем светски производител на Android уреди, спроведe анкета меѓу корисниците за евентуално преминување на исклучиво безжично полнење, но поголемиот дел од корисниците не се воодушевени од оваа идеја.
Преку апликацијата Samsung Members, Samsung започна анкета со која ја испитува подготвеноста на корисниците на Android да прифатат телефони без USB-C приклучок, кои би се потпирале исклучиво на безжично полнење преку новата Qi2 технологија. Иако најновите Samsung телефони веќе го поддржуваат Qi2 стандардот, моментално не содржат вградени магнети и бараат дополнителна опрема за користење на магнетно полнење.
Во анкетата се поставуваат прашања како: „Дали би прифатиле подебел телефон ако има вградени Qi2 магнети?“, „Кои непријатности би се појавиле доколку телефонот поддржува само безжично полнење?“ и „За пренос на податоци повеќе користите безжични или жичени врски?“ Ваквите прашања сугерираат дека Samsung сериозно размислува за укинување на жичното полнење и премин кон целосно безжичен дизајн.

Оваа идеја не е сосема нова – и претходно се шпекулираше дека Apple планира новиот iPhone 17 Air да има целосно затворен дизајн без приклучоци. Сепак, поради страв од несогласување со законите на ЕУ и можни негативни реакции од корисниците, оваа идеја моментално е ставена во мирување. Очигледно е дека и Apple и Samsung размислуваат за иднина без кабли.
Сепак, резултатите од анкетата покажуваат дека мнозинството корисници сè уште не се подготвени за ваков чекор, бидејќи дури 78% од учесниците изјавиле дека не би можеле да прифатат телефон без можност за жично полнење, пренесува LTN.


