Потпретседателот на Netflix откри дека серијата Eternaut, која премиерно се прикажала во април, е првата нивна серија или филм што користи „GenAI видео“ во финалниот производ.
Серијата Eternaut е „првото GenAI видео што се појавило на екраните во Netflix серии или филмови“, тврди потпретседателот на Netflix, Тед Сарандос.
Според транскрипт од разговорот со инвеститори, креаторите на серијата сакале да прикажат уривање на зграда во Буенос Аирес, па продукцискиот иновациски тим на Netflix користел GenAI алати, при што целата сцена била завршена „десет пати побрзо отколку што би можела да биде направена со традиционални визуелни алати за специјални ефекти“. Дополнително, трошоците за таква сцена едноставно не би биле изводливи со буџетот на таа серија.

Сарандос тврди дека гледачите биле „воодушевени од резултатите“, иако тоа најверојатно се должи и на остатокот од сценариото, а не само на таа една сцена генерирана со вештачка интелигенција.
Netflix изгледа отворен за поголема употреба на генеративна вештачка интелигенција во серии и филмови и тврди дека технологијата „претставува неверојатна можност да се им се помогне на креаторите да направат подобри филмови и серии, а не само поевтини“.
GenAI, патем, веќе се користи за прелиминарна визуелизација (pre-visualization), планирање на сцени и визуелни ефекти, како што е подмладување на ликови. Netflix гледа потенцијал во генеративната ИИ за унапредување на нивните можности за персонализација и препораки, па така во моментов тестираат опција за пребарување преку разговорни барања од типот: „сакам да гледам филм од 80-тите што е мрачен, психолошки трилер“.
Стриминг сервисите, производителите на телевизори и операторите на паметни ТВ ОС системи сакаат да ја користат генеративната ИИ за пребарувања што ќе ја зголемат шансата корисникот да најде нешто што сака да гледа.
Netflix тврди дека користењето на генеративна ИИ нема да го оддалечи од целта „да се раскажуваат големи приказни“ и ја споредува со појавата на компјутерски генерираната анимација, која генерално ја подобри анимацијата и сега, наводно, „повеќе луѓе работат во анимација отколку кога било досега во историјата“.

Инаку, уште минатата година гледачи тврдеа дека Netflix документарецот за вистински злосторства What Jennifer Did користел генеративна ИИ, што тогаш го негираше извршниот продуцент Џереми Грималди. Документарците, според мислењето на многумина, треба да се темелат на документарен материјал и докази, па затоа користењето на AI-генерирана содржина сериозно ја доведува во прашање кредибилноста и самата суштина на овој жанр.
Прашањето е, секако, дали воопшто ќе бидеме во можност да разликуваме што е документарен снимак, а што видео генерирано од компјутер — и многу е веројатно дека одговорот е: нема да можеме.
Со оглед на тоа што веќе живееме во „пост-вистински“ општества (еуфемизам за разликата меѓу општествениот наратив и реалноста), ова е само симптом на поголем проблем кој најпрво треба да почнеме да го решаваме.

