Microsoft подготви неколку нови AI функции за својот оперативен систем Windows 11, вклучувајќи ја алатката Copilot Vision, која може да скенира сè што е прикажано на екранот. Функциите постепено стануваат достапни за корисниците, а меѓу нив има и алатки што се ексклузивни за компјутери со Copilot Plus.
За почеток, сите корисници на Windows 11 сега можат да пристапат до Copilot Vision преку апликацијата Copilot, која користи вештачка интелигенција за анализа на содржината на екранот. Со оваа алатка можно е гласовно да се поставуваат прашања за тоа што корисникот гледа на повеќе апликации и веб-страници отворени на екранот. На пример, може да се праша како да се подобри осветлувањето на фотографија. Microsoft започна со тестирање на ограничена верзија од оваа функција минатата година.
Покрај тоа, корисниците на компјутери со Copilot Plus и Snapdragon процесор можат да пристапат до AI агент вграден во апликацијата Settings. Тоа им овозможува на корисниците со природен јазик да бараат одредени поставки, како на пример „Сакам да ги вклучам тивките часови“ или „поврзи Bluetooth уред“. Ако агентот може да ја изврши задачата, ќе понуди да ја заврши наместо корисникот.
Microsoft ја подобри и функцијата Click to Do, која е заснована на вештачка интелигенција и е достапна на Copilot Plus компјутери. Оваа функција се појавува кога корисникот ја држи притисната копчето „Windows“ и со лев клик селектира апликација, текст, веб-страница или друг тип на содржина. Таа е дизајнирана да помогне при брзо извршување на задачи, како на пример сумирање на селектиран пасус. Со новата надградба, Microsoft додава нови можности, вклучувајќи вежбање на течност и изговор преку алатката Reading Coach, креирање документи во Microsoft Word со помош на Copilot и закажување состаноци во Microsoft Teams.
Останатите функции што се достапни само на Copilot Plus компјутери вклучуваат нов AI генератор за налепници во Paint, како и алатка за селектирање објекти во апликацијата, која овозможува издвојување и уредување на одредени делови од фотографија.
Достапна е и нова AI опција во апликацијата Photos за Copilot Plus компјутери со Snapdragon процесор, како и алатката perfect screenshot во Snipping Tool, која користи вештачка интелигенција за прецизно „фаќање“ на содржината од екранот.
Microsoft, исто така, пушта и некои функции што не се поврзани со вештачка интелигенција за сите Windows 11 компјутери, како што се практична алатка за избор на бои во Snipping Tool и нов механизам што им овозможува на компјутерите автоматски да ги решаваат проблемите што предизвикуваат неочекувано рестартирање.
Од Microsoft велат дека сите овие функции ќе бидат достапни во текот на следниот месец. Некои од нив веќе се достапни преку новиот Windows preview update и како надградби што може да се преземат преку Microsoft Store.