Од 2021 до 2024 година, Google тивко изгради најголема мрежа за детекција на земјотреси на планетата – користејќи податоци од повеќе од две милијарди Android телефони ширум светот. Наместо скапи сеизмографи, системот Android Earthquake Alerts се потпира на вградените сензори за движење во телефоните на корисниците кои не ја исклучиле оваа опција. Благодарение на тоа, системот препозна епицентри и јачина на над 11.000 земјотреси во дури 98 земји.
Она што го издвојува не е прецизноста на еден уред, туку огромната количина на податоци од различни локации. Алгоритмите анализираат како се однесуваат телефоните за време на потреси, земајќи ги предвид локалната геологија, материјалите на зградите и разликите меѓу моделите. Кога повеќе уреди на иста територија регистрираат ист модел на движење – системот препознава земјотрес.
Успех, но и ограничувања – особено кај силните земјотреси
Иако се покажа како корисен алат, системот сè уште има слабости. За време на разорните земјотреси во Турција во 2023 година, мрежата на „Android“ испрати 4,5 милиони предупредувања – но тие беа со послаб интензитет отколку што ситуацијата бараше. Подоцнежната анализа, со подобрени алгоритми, покажа дека посериозни предупредувања можеле да стигнат до дури 10 милиони уреди.
Google сега јавно ги објавува резултатите од својот систем, за прв пат во труд објавен во списанието „Science“. Иако се нагласува потенцијалот за унапредување на јавната безбедност, истовремено постојат загрижености околу транспарентноста. Алгоритмите се со затворен код, а податоците доаѓаат од личните уреди на корисниците, што ги отежнува независните проверки.
Експерти како Харолд Тобин од Универзитетот во Вашингтон и Ален Хаскер од Caltech го поздравуваат овој концепт, но го повикуваат Google да ѝ овозможи на научната заедница пристап до системот. Бидејќи, ако телефоните веќе ја играат улогата на сеизмографи, јавноста мора да знае како и кога да им верува.