Програмскиот код во iOS 26 сугерира постоење на паметен екран што прикажува време, локација и го користи асистентот Siri – изгледа дека станува збор за можен ривал на Google Nest Hub.
Apple моментно ја тестира новата верзија на iOS 26 системот, а покрај бројните нови функции, во кодот на системот е откриена трага до сега непознат уред. Имено, во описот поврзан со HomePod се појавила пораката: „Вашиот HomePod не може да ви го прикаже локалното време, точното време, ниту да одговори на Siri-барања поврзани со вашата локација.“ Клучниот збор тука е „прикаже“, што имплицира присуство на екран – функционалност која сегашните модели на HomePod ја немаат.
Стручњаците претпоставуваат дека оваа порака укажува на сè уште неофицијално најавениот паметен екран на Apple. Според претходни извештаи, Apple развива сосема нова класа уреди што би го комбинирале звучникот и микрофонот од HomePod со екран налик на iPad.
Овој уред би имал можност за прикажување временска прогноза, календар и едноставни апликации, како и целосна интеграција со вештачка интелигенција и унапредена верзија на Siri (Apple Intelligence).
Појавата на вакви информации во iOS 26 укажува дека Apple можеби веќе го подготвува софтверот за претставување на овој уред. Сепак, поради доцнењето во развојот на AI-верзијата на Siri, можно е премиерата да биде поместена за крајот на годината или почетокот на следната, пренесува Technowise.