Благодарение на новото решение, постарите модели на iPhone конечно добиваат USB-C со брз трансфер на податоци и брзо полнење
Кен Пилонел, познат инженер и ентузијаст за технички иновации, повторно ја привлече јавноста со своето решение кое им го носи на корисниците на iPhone она што со години го посакуваа – USB-C приклучок. Откако уште во 2021 година го направи првиот iPhone со USB-C порт, сега разви специјална заштитна футрола која им овозможува токму тоа на постарите Apple телефони.

Apple повеќе од една деценија го користеше сопствениот Lightning приклучок, што наложуваше употреба на бројни адаптери и кабли кои не беа компатибилни со други уреди. Денес, кога USB-C стана стандард и во Apple еко-системот, футролата на Пилонел претставува идеален начин да им се продолжи животниот век на постарите модели на iPhone и да се овозможи современо поврзување.
Во промотивното видео, Пилонел објаснува: „Целта е да им дадеме нов живот на тие постари уреди и да ги направиме помалку застарени.“ Футролите се достапни за сите 20 модели на iPhone со Lightning приклучок кои сè уште можат да ја користат актуелната верзија на iOS. Тие нудат брзо полнење, целосна поддршка за пренос на податоци, вклучително и синхронизација со компјутери и Apple CarPlay, а во септември се очекуваат и нови бои.
Интересниот инженерски процес на изработка е детално прикажан во видеото, кое особено ќе им биде интересно на сите што се занимаваат со индустриски дизајн и електроника. На неговата веб-страница се достапни сите модели, а меѓу претходните проекти на Пилонел се и модификации на уредите Apple AirPods и AirPods Max.

