Новиот дизајн на главниот модул со камери кај iPhone 17 Pro веднаш открива дека станува збор за прототип, иако Apple се обидел да го сокрие со заштитна маска.
Одбројувањето до претставувањето на серијата iPhone 17 е во тек, а овој пат се очекува најголемата промена во дизајнот уште од моделот iPhone X. Според извори, Apple по многу години планира да го измени изгледот на главниот модул со камери, што треба да биде визуелно највпечатливата разлика досега. Еден корисник на мрежата X, @Skyfops, неодамна сподели две фотографии на кои се гледа маж со два iPhone уреди, а еден од нив изгледа како прототип на iPhone 17 Pro, забележан на улиците на Лос Анџелес.

На фотографиите, едниот модел може да се идентификува како iPhone 16 Pro или 16 Pro Max, бидејќи визуелно одговара на актуелната генерација. Меѓутоа, другиот телефон, иако со камери на исто место, има поместен LiDAR сензор и блиц, кои сега се наоѓаат од десната страна. Овој распоред се совпаѓа со претходните гласини и прелиминарни информации за iPhone 17 Pro, поради што се претпоставува дека токму тоа е прототипот.
Објавата брзо стана вирална со повеќе од 680.000 прегледи, а се вклучи и Марк Гурман од Bloomberg, познат по точните информации за Apple. Бидејќи фотографијата е направена во Калифорнија, во близина на седиштето на Apple, се верува дека постојат основи да се смета за автентична.

Според странските медиуми, iPhone 17 Pro и 17 Pro Max ќе добијат нов модул за главната камера кој ќе се протега значително повеќе кон десната страна и ќе покрива речиси една третина од горниот дел на задниот капак на уредот. Освен дизајнерските промени, Apple ќе користи и различни материјали за да создаде нов визуелен и тактилен впечаток на задниот дел од уредот.
Најавени се и нови бои кои ќе отстапуваат од досегашниот деловен тон, а највпечатлива меѓу нив ќе биде силната нијанса на портокалова, поради што iPhone 17 Pro лесно ќе се разликува во морето од слични телефони, пишува LTN.
