Компанијата Microsoft започна со тестирање на нов експериментален Copilot режим во својот прелистувач Edge.
Станува збор за режим потпомогнат од вештачка интелигенција, кој му овозможува на Copilot да ги пребарува сите отворени јазичиња и да извршува задачи како што се резервации во ресторани, додека Copilot четботот се прикажува во ново јазиче.
Copilot Mode претставува нешто помеѓу ограничената интеграција на Gemini што Google ја тестира во Chrome и AI-потпомогнатата трансформација што Comet ја нуди со својот AI прелистувач. Корисникот може да му дозволи на Copilot да „гледа“ во сите отворени јазичиња, за да може, на пример, да побара споредба на неколку хотели при избор на еден за резервација или да направи резиме од најдобрите понуди за купување од повеќе производи.

Copilot во Edge исто така поддржува гласовна навигација за пронаоѓање информации на веб-страници или за отворање јазичиња со производи за споредба. Microsoft планира, со дозвола од корисникот, да му овозможи на Copilot пристап до историјата и до податоците за најава во Edge, со цел четботот да може да извршува резервации во име на корисникот.
Овие нови Copilot функции во Edge се надградба на постојната интеграција на AI-асистентот на Мајкрософт во прелистувачот и на работата што компанијата ја направи со Copilot Vision.

„Copilot наскоро ќе може да ве води низ вашите задачи и да го организира вашето пребарување, минато и сегашно, во корисни тематски патувања“, изјави Шон Линдерсеј, потпретседател за производи во Microsoft Edge.
За оние кои не се заинтересирани за ваков начин на користење на Edge потпомогнат од AI, Мајкрософт уверува дека функцијата ќе биде опционална и ќе може да се исклучи.

Microsoft го нарекува Copilot Mode „експериментална“ функција која ќе се развива со текот на времето. Исто така, таа ќе биде „бесплатна во ограничен период“, со ограничувања во користењето на одредени Copilot функции. Ова упатува на можноста дека Мајкрософт во иднина ќе го поврзе овој режим со некој вид претплата.
