Нова батерија со цврсто јадро овозможува домет од 3.000 километри и полнење за само пет минути, што би можело да ги реши сите проблеми со дометот на електричните возила.
Huawei има поднесено патент за нова solid-state батерија со цврсто јадро наменета за електрични возила, која би можела да обезбеди домет од дури 3.000 километри (околу 1.864 милји). Доколку се покаже дека спецификациите на батеријата се остварливи во реални услови на користење, се работи за револуционерна технологија која би можела целосно да ја редефинира индустријата на електрични возила (EV).
За разлика од литиум-јонските батерии кои се користат во возила како Tesla или Hyundai Ioniq, Huawei користи цврста структура на јадрото на батеријата што нуди 2 до 3 пати поголема енергетска густина. Тоа значи не само повеќе енергија, туку и значително поголем домет.

Уште поимпресивно е тоа што Huawei тврди дека оваа батерија може целосно да се наполни за само пет минути – што е споредливо со времето потребно за полнење гориво на бензинска пумпа. Дополнително, дометот од речиси 3.000 км постигнат во тестирањата во Кина практично го елиминира клучниот проблем на „ограничениот домет“, кој е една од главните пречки за поширокото прифаќање на електричните возила денес.
Освен што би можела да постави нови индустриски стандарди, оваа технологија дополнително ја зајакнува позицијата на Кина како лидер во трката за електрични возила. Доколку овие батерии стигнат до сериско производство, времето на полнење од пет минути и дометот од 3.000 километри би можеле да станат новиот стандард, а не исклучок, пренесува SuperCar Blondie.


