Adobe воведува нови AI алатки во Photoshop, вклучувајќи подобрено зголемување на слики, вклопување на објекти во сцена (Harmonize) и попрецизно отстранување на објекти. Овие функции се базирани на Firefly моделите и се достапни во бета верзија.
Adobe продолжува да го унапредува Photoshop со интеграција на вештачка интелигенција, најавувајќи сет нови функции кои значително ќе ја олеснат обработката и уредувањето на слики. Преку своите Firefly AI модели, компанијата сега ги воведува Generative Upscale, Harmonize и подобрениот алат за отстранување објекти, со што повторно ја потврдува својата водечка позиција во светот на креативниот софтвер.
Generative Upscale: Стари снимки во нов сјај
Новата опција Generative Upscale им овозможува на корисниците да зголемат слика до резолуција од 8 мегапиксели без значително губење на квалитетот. Оваа функција е особено корисна за реставрација на стари фотографии, подготовка на слики за печат или прилагодување на визуелни материјали за различни дигитални платформи.

Harmonize: Совршено вклопување на нови објекти во сцена
Друга значајна новина е функцијата Harmonize, развиена од претходно најавениот Project Perfect Blend. Нејзината цел е новододадените објекти, како што е фотелја во дневна соба, да изгледаат како отсекогаш да биле дел од сцената. Photoshop со помош на Firefly моделот автоматски ги приспособува боите, сенките, осветлувањето и тоналитетот така што новиот објект се вклопува совршено со останатите елементи од сликата. Во пракса, тоа значи дека корисниците лесно можат да додадат предмет и веднаш да го интегрираат визуелно без дополнителни рачни прилагодувања.
Напредно отстранување на објекти
Adobe го подобри и алатот за отстранување објекти, кој претходно се базираше на generative fill методот и понекогаш внесуваше несакани артефакти. Новиот алгоритам сега се фокусира исклучиво на просторот што го заземал објектот, пополнувајќи го со реалистичен дел од позадината.
Во демонстрацијата што ја видел TechCrunch, претходната верзија на алатот оставала неприродни траги, како зелено дамка наместо чинија со салата. Новиот алгоритам успеал прецизно да ја отстрани чинијата и реалистично да го пополни просторот со позадината, без траги од манипулација.
Дополнителни функции и флексибилност
Adobe исто така го подобри начинот на организирање и споделување на содржини во рамки на Photoshop, а корисниците сега можат да изберат која верзија на Firefly моделот сакаат да ја користат при примена на AI функциите, што отвора простор за поголема контрола и персонализација на процесот.
„Разговаравме со фотографи, дизајнери и креатори на содржина за подобро да ги разбереме нивните фрустрации. Овие функции ќе им помогнат да заштедат време, да го намалат триењето во работата и да автоматизираат некои од најбараните задачи,“ изјави Шамбхави Кадам, директорка за управување со производи во тимот на Photoshop.
Сите три главни функции — Generative Upscale, Harmonize и подобреното отстранување објекти — моментално се достапни во бета верзија за Photoshop на десктоп и веб, додека Harmonize е веќе достапна преку програмата за ран пристап во новата Photoshop апликација за iOS.

