Од новата верзија на Samsung One UI 8 тивко е отстранета можноста за отклучување на bootloader-от, што разочара одреден дел од корисниците.
One UI 8 на Samsung носи бројни подобрувања и веќе е достапен како стабилна верзија на Galaxy Z Flip 7 и Fold 7. Но, иако повеќето корисници ги поздравуваат новитетите – особено по лошото искуство со One UI 7 – дел од понапредните корисници беа непријатно изненадени: Samsung тивко ја отстрани можноста за отклучување на bootloader-от.
Според корисници на форумот XDA Developers, ова ограничување се однесува и на стабилната и на бета верзијата на One UI 8, а особено се погодени оние кои досега користеле уреди со веќе отклучен bootloader. Со надградбата на новата верзија на софтверот, нивните уреди автоматски повторно се заклучени – без претходно известување.
Зошто би се отклучил bootloader-от на т
елефон?
Отклучувањето на bootloader-от им овозможува на корисниците подлабок пристап до системот на уредот и поголема контрола врз неговото работење. Тоа отвора можности за инсталирање прилагодени верзии на Android, отстранување на несакани фабрички апликации, root-ирање на уредот или користење на напредни алатки за резервни копии и оптимизација. Ова особено привлекува технички потковани корисници кои сакаат да го персонализираат искуството надвор од стандардите поставени од производителот. Сепак, отклучувањето на bootloader-от може да ја поништи гаранцијата, да ја загрози безбедноста и да оневозможи користење на некои апликации.
Иако Samsung сè уште нема официјално коментирано за оваа промена, откриено е дека не станува само за отстранета опција од менито за поставки, туку дека јужнокорејската компанија целосно ги избришала сите линии код кои го управуваат отклучувањето на bootloader-от. Со тоа е оневозможено какво било алтернативно решение или заобиколен начин за враќање на оваа функционалност.
Покрај тоа што ваквиот потег разочара дел од корисниците, се шпекулира дека би можел да привлече и внимание од регулаторните тела, особено во рамките на Европската унија.

