Додека Џони Ајв и OpenAI развиваат AI уред без екран кој би можел да го промени начинот на кој ја користиме технологијата, Тим Кук останува на ставот дека iPhone останува незаменлив дел од секојдневието.
Извршниот директор на Apple, Тим Кук, ја минимизираше потенцијалната закана од AI уредите без екран, оценувајќи ги како „дополнителни“, а не замена за iPhone.
Неговите коментари доаѓаат во момент кога поранешниот дизајнер на Apple, Џони Ајв, во соработка со OpenAI, развива токму ваков уред што би можел да го редефинира начинот на кој користиме технологија.

На конференцијата на Apple за резултатите од третиот фискален квартал, аналитичарот од Bank of America, Вамси Мохан, постави прашање за иднината во која екраните би можеле да станат непотребни благодарение на вештачката интелигенција.
Кук одговори потсетувајќи на сите функции што ги извршува iPhone:
„Кога ќе размислите за сè што iPhone може да направи — од поврзување на луѓето, преку апликации и игри, фотографија и видеа, до истражување на светот и плаќања — тешко е да се замисли свет во кој iPhone не постои,“ рече Кук.
Тој додаде дека Apple разгледува нови формати и уреди, но дека тие веројатно ќе бидат додаток, а не замена за iPhone, пренесува Benzinga.
Ајв и OpenAI создаваат нова класа AI-уреди
Иако Кук директно не го спомена проектот на својот поранешен колега, неговиот коментар јасно се однесува на растечкото интересирање за уреди „без екран“.
OpenAI неодамна потврди дека го купил AI-хардверскиот стартап io Products, кој го основал Џони Ајв, а неговата дизајнерска фирма LoveFrom има клучна улога во развојот на уредот од новата генерација.

Според извештаите, Ајв и шефот на OpenAI, Сем Алтман, работат на мал, контекстуално свесен AI-уред кој не користи екран, туку го слуша корисникот и неговото опкружување.
Џин Манстер од Deepwater Asset Management изјави на мрежата X дека бил изненаден што Кук воопшто ја спомена оваа тема:
„Тоа ми кажува дека Apple можеби не би имал ништо против да соработува, но и да конкурира на уредот на Ајв.“
Враќањето на џони Ајв во хардверскиот дизајн, особено во соработка со еден од главните AI соперници на Apple, претставува прв сериозен дизајнерски предизвик за iPhone уште од неговото создавање.
Додека технолошкиот свет влегува во ерата на вештачката интелигенција, компаниите избираат различни патишта: Apple се потпира на моќта на iPhone, додека поранешниот визионер од истата компанија гради нешто што би можело од корен да ги промени односите во индустријата.



