Samsung ги потврди гласините за Exynos 2600, изјавувајќи дека тоа ќе биде првиот систем на чип (SoC) изработен со 2-нанометарска технологија. Ќе се најде во поголемиот дел од моделите од серијата Galaxy S26.
Во неодамна објавениот финансиски извештај, Samsung откри дека претстојниот Exynos 2600 ќе биде првиот SoC направен со 2-нанометарски производствен процес. Ќе се произведува во Samsung Foundry и ќе користи напредна Gate-All-Around (GAA) архитектура, која овозможува поголема енергетска ефикасност и поголема пресметковна моќ на помала површина на чипот.
„Exynos 2600 ќе биде првиот врвен SoC изработен со најновиот 2-нанометарски GAA-производствен процес (..). Ќе обезбеди значително подобрување на перформансите на NPU-единицата во споредба со претходната верзија, со подобрена поддршка за AI-функции директно на уредот“, соопштија од Samsung.

Според неофицијални податоци од Geekbench, Exynos 2600 ќе користи конфигурација со 10 јадра: 1+3+6. Главното јадро ќе работи на 3,55 GHz, трите јадра со високи перформанси на 2,96 GHz, а шесте енергетски ефикасни јадра на 2,46 GHz. За графиката ќе биде задолжен новиот Xclipse 960 GPU, од кој се очекува до 15% подобри перформанси во споредба со Adreno 830 од Qualcomm-овиот Snapdragon 8 Elite.
Samsung Exynos 2600 ќе ги напојува речиси сите модели на Galaxy S26, чие претставување се очекува на почетокот од 2026 година. Единствен модел кој нема да го користи е Galaxy S26 Ultra, кој ќе биде опремен со претстојниот Snapdragon 8 Elite 2 од Qualcomm.

