Google влезе во партнерство со кое ќе ја поддржи технологијата на компанијата Energy Dome за долгорочно складирање на вишокот енергија од обновливи извори, која користи јаглерод диоксид.
Од Google најавија долгорочно партнерство со енергетската компанија Energy Dome со цел да ја поддржат и забрзаат глобалната примена на нивната иновативна технологија за складирање енергија на долг рок. Преку оваа соработка, која вклучува и финансиска инвестиција од технолошкиот гигант, ќе се поддржат повеќе комерцијални проекти за имплементација на таканаречената CO2 батерија. Крајната цел е да се декарбонизираат електричните мрежи на кои е поврзан Google и да се приближат кон остварување на планот за користење на енергија без емисии на јаглерод 24 часа дневно, 7 дена во неделата, до 2030 година.
Енергетска купола
Технологиите за долгорочно складирање на енергија се клучни за премостување на временскиот јаз помеѓу производството на енергија од обновливи извори, како што се сонцето и ветерот, и периодите на потрошувачка. За разлика од литиум-јонските батерии, кои складираат и испорачуваат енергија најчесто до четири часа, решението на Energy Dome овозможува складирање и испорака на енергија во траење од осум па дури и до 24 часа. Со тоа се обезбедува стабилност на мрежата, се намалува потребата од фосилни горива за време на врвните оптоварувања и се овозможува поефикасна интеграција на обновливите извори во електроенергетскиот систем.
CO2 против CO2
Технологијата на CO2 батеријата се заснова на уникатен термодинамички процес. Кога во мрежата има вишок на енергија од обновливи извори, системот ја користи таа енергија за компресирање на гасовит јаглерод диоксид во течно состојба во рамки на голема купола (оттаму и името на компанијата – Energy Dome). Сето ова е особено интересно бидејќи јаглерод диоксидот тука се користи како алатка за намалување на емисиите – токму од јаглерод диоксид.
Во моменти кога на мрежата ѝ е потребна дополнителна енергија, течниот CO2 се загрева и се шири, притоа повторно се претвора во гасовита состојба. Во тој процес се создава силен млаз топол гас под притисок кој ја придвижува турбината, а таа генерира електрична енергија без штетни емисии, која повторно се испорачува во мрежата.
Ефикасноста на оваа технологија веќе е докажана во пракса. Energy Dome повеќе од три години успешно испорачува електрична енергија во италијанската мрежа преку своето комерцијално демонстрациско постројување. Компанијата веќе има потпишано повеќе договори за комерцијални проекти од големи размери во Италија, САД и Индија, вклучително и постројка со полн капацитет од 20 MW / 200 MWh, што потврдува дека нивното решение е пазарно подготвено.
Од Google истакнуваат дека CO2 батеријата има потенцијал за значително побрза комерцијализација во споредба со некои други напредни технологии за чиста енергија од нивното портфолио. Токму затоа, преку ова партнерство и инвестиција, се стремат да ја забрзаат примената на оваа технологија на глобално ниво и да ги намалат нејзините трошоци.

