Минати се речиси пет години од излегувањето на PlayStation 5, а веќе започнуваат да се појавуваат гласини за конзолата од следната генерација на Sony.
Ликерот Moore’s Law is Dead преку својот канал на YouTube сподели низа опсежни информации за можните спецификации на PlayStation 6, почетната цена и времето на појава на пазарот. Секако, сите овие гласини треба да се земат со резерва, а Moore’s Law is Dead истакна дека изворот на информациите е презентација од AMD до Sony од 2023 година. Сепак, додаде дека е можно дел од овие спецификации да се имаат променето досега.
Очекувано, од Sony нема никаква официјална потврда, но информациите што се појавија укажуваат на тоа дека компанијата можеби ќе даде приоритет на помала потрошувачка на енергија и контрола на трошоци, што е во согласност со претходните генерации конзоли. Во видеото се наведува дека новата конзола ќе има трипати подобри перформанси во растеризација, односно 3D рендерирање, во споредба со основниот модел на PS5 и приближно двапати подобри од тоа што го нуди PS5 Pro. YouTuber-от рече дека се зборува оти PS6 ќе има „backward“ компатибилност со PS4 и PS5 и дека би можел да се продава по цена од 499 долари. Таа цена би можела да биде показател дека Sony сака да го повтори успехот на PS4, кој делумно се должеше на пониската цена во споредба со конкуренцијата тогаш.
Покрај конзолата PS6, се шпекулира дека Sony работи и на рачен уред кој ќе ја надополни конзолата. Според гласините, рачното PS6 ќе има microSD слот, M.2 SSD слот, екран чувствителен на допир, хаптичка вибрација и два микрофона. Гласините детално ги опишуваат спецификациите на овој уред, кои наводно ќе ги надминат тие на ROG Xbox Ally X, како и USB-C порт со можност за видео излез.
Цената на рачниот PS6 би можела да биде меѓу 400 и 500 долари.
Производството на конзолата PS6 и рачниот уред се очекува да започне во средината на 2027 година, а продажбата помеѓу есента 2027 и почетокот на 2028 година.