Galaxy S25 FE и првиот Galaxy телефон со тројно преклопен екран пристигнуваат до крајот на годината, а планирани се и две големи хардверски изданија надвор од категоријата на мобилни уреди.
Samsung минатиот месец ги претстави новите модели со преклопен екран – Galaxy Z Fold7 и Z Flip7, но тоа не е крај на нивните премиум изданија за оваа година. На последниот состанок со инвеститорите по повод кварталниот финансиски извештај, раководството на компанијата најави уште неколку значајни уреди кои ќе бидат претставени во втората половина од годината.
Во фокусот се две нови премиум серии на Galaxy телефони: Galaxy S25 FE и првиот тројно преклоплив телефон на Samsung. Моделот S25 FE, кој спаѓа во т.н. „лесна премиум“ категорија, би можел да биде претставен порано од претходната генерација – веројатно уште во август или почетокот на септември. Првиот Galaxy уред со три-фолд екран, кој многумина го очекуваат со голем интерес, најверојатно ќе биде претставен во октомври, со што Samsung ќе влезе во нова фаза на конкуренција со Huawei во областа на напредните технологии за преклопливи екрани.
И покрај претходните очекувања дека Z Fold7 ќе биде главниот адут на компанијата до крајот на годината, одличните резултати од претпродажбата во САД покажаа дека квалитетен производ брзо освојува корисници. Сепак, вниманието сега се насочува кон уште поамбициозни иновации што би можеле дополнително да ги поместат границите во мобилната индустрија.

Освен телефоните, Samsung најави и премиум таблет – Galaxy Tab S11, кој ќе пристигне до крајот на годината, како и својот прв XR уред – паметни очила развиени во соработка со Google.
Очила ќе користат новиот Android XR систем и веќе беа прикажани на неколку настани, додека софтверот е предаден на развивачите за тестирање и развој на апликации. Уредот е позициониран како директен конкурент на Apple Vision Pro и ќе биде клучен дел од стратегијата за проширена реалност, пренесува LTN.



