Напредната tandem OLED технологија од iPad доаѓа на iPhone Ultra Retina XDR екрани, но дури околу 2028 година
Епл планира да го пренесе Ultra Retina XDR екранот од iPad Pro со M4 чип на идните модели на iPhone, според нов извештај на корејскиот портал The Elec. Оваа технологија користи tandem OLED – систем со две слоевити OLED матрици кои заедно овозможуваат значително поголема осветленост, прецизност на боите и побрз одѕив.
Во моментов се водат преговори со Samsung и LG, но масовното производство не е закажано пред 2028 година. Епл наводно поставил временска рамка од две години за развој и подготовка на сериско производство.

Ultra Retina XDR, како што го опишува Епл, овозможува до 1000 нити осветленост на целиот екран за HDR и SDR содржини, и до 1600 нити при HDR пикови, со контрола под една милисекунда над секој пиксел. Со тоа се постигнува неверојатна прецизност на прикажување, поизразени светли делови и подетални сенки, дури и при слаба осветленост – што е особено важно за фотографија и видео.
Оваа технологија би можела да донесе следниве предности кај идните iPhone уреди:
- Уште посветол екран
- Поголема точност на боите и подобар контраст
- Подобар приказ на движења благодарение на побрзиот одѕив

Иако и тековните iPhone модели веќе нудат врвни OLED панели, tandem OLED технологијата би претставувала нов пресврт во квалитетот на приказот, но љубителите на iPhone сепак ќе треба да почекаат уште неколку генерации.

