Додека iPhone доминира во премиум сегментот, Oppo бележи најголем скок на цените и му се заканува на Samsung
Глобалниот пазар на паметни телефони сè повеќе се насочува кон премиум сегментот. Според најновиот извештај на аналитичката куќа Counterpoint, во вториот квартал од 2025 година не само што се продале повеќе уреди, туку тие биле и поскапи од порано. Просечната продажна цена (ASP) по уред изнесувала 347 американски долари, што е раст од 7% во однос на истиот период минатата година и претставува највисока просечна цена за втор квартал во историјата.
Apple и понатаму суверено ја држи титулата „крал на високите цени“, а благодарение на силната продажба на серијата iPhone 16, просечната цена на нивниот телефон достигнала дури 879 долари. Тоа е 2,5 пати повеќе од светскиот просек. Со други зборови, за цената на еден iPhone може да се купат речиси четири Android телефони.

Најголемото изненадување овој квартал е OPPO, чија просечна цена по уред за прв пат ја надмина онаа на Samsung. OPPO забележа просечна цена од 274 долари, додека Samsung имал нешто пониски 270 долари. Со тоа, OPPO стана бренд со најбрз раст меѓу петте најголеми производители на телефони кога станува збор за цената на уредите.
Просечни цени по бренд во вториот квартал од 2025:
- Apple: 879 USD
- OPPO: 274 USD
- Samsung: 270 USD
- vivo: 208 USD
- Xiaomi: 152 USD
Доминацијата на Apple на врвот не произлегува само од брендот и позиционирањето, туку и од глобалните фактори. Многу корисници, поради страв од нови трговски тарифи и царини, побрзаа да ги заменат уредите, што придонесе за раст на приходите на Apple за 13% во однос на истиот период минатата година. Благодарение на тоа, Apple во вториот квартал зазеде дури 43% од вкупниот приход на глобалниот пазар на паметни телефони.

Извештајот исто така укажува дека премиум сегментот се развива побрзо од очекуваното. Купувачите сè повеќе се подготвени да платат повеќе за квалитет, дизајн и бренд, а дополнителни погодности како купување на рати и програми за замена на стари уреди ја намалуваат влезната бариера за многу потрошувачи.
На глобално ниво, Apple и понатаму суверено владее на пазарот на високо ценети телефони, дури и на предизвикувачкиот кинески пазар. Истовремено, OPPO покажува јасен тренд на раст и сè поголема амбиција да стане сериозен конкурент во премиум Android сегментот. Дали ќе успее да ја наруши доминацијата на Apple, останува да се види.

