Германски оператор го открива можниот датум за одржување на есенскиот Apple настан, на кој ќе бидат претставено повеќе нови производи, меѓу кои и целата iPhone 17 серија.
Apple оваа есен се подготвува за премиера на новата серија iPhone 17, а она што најмногу ги интересира корисниците е точниот датум на претставување и почетокот на продажбата. Според информациите на германскиот портал iPhone-Ticker, кој дошол до интерен документ од еден телекомуникациски оператор, Apple најверојатно планира да ја одржи својата голема есенска конференција на 9 септември 2025 година.
Овој датум се совпаѓа со долгогодишната практика на компанијата да ги открива новите модели на iPhone во втората недела од септември, а воедно ги потврдува и претходните прогнози кои зборуваа за период од 8 до 11 септември.

Доколку Apple го задржи досегашното темпо, претпродажбата на новите уреди би можела да започне веќе на 12 септември, додека официјалната продажба ширум светот би стартувала на 19 септември. Оваа година компанијата планира дури четири модели од серијата iPhone 17. Покрај основниот модел, тука се и iPhone 17 Pro и iPhone 17 Pro Max со целосно редизајнирани камери, како и сосема новиот iPhone 17 Air, кој ќе ја замени досегашната „Plus“ верзија и ќе се фокусира на тенок и лесен дизајн.
Apple, сепак, не планира сè да се врти околу iPhone-ите. Се очекува премиера и на Apple Watch Series 11 и Apple Watch Ultra 3, како и новата генерација на пристапниот Apple Watch SE 3. На листата на можни изненадувања се и AirPods Pro 3 со подобрено поништување на бучавата, како и AirTag 2 за прецизно следење на изгубени предмети.
Индустриските аналитичари истакнуваат дека Apple со ова темпо сака да ја задржи својата водечка позиција на пазарот, но и дополнително да ја освежи линијата производи пред клучната празнична сезона на продажба.
Доколку предвидениот датум се покаже точен, љубителите на технолошкиот гигант ги дели помалку од еден месец од моментот кога ќе ги добијат првите официјални информации за новите уреди и, што е уште поважно, датумот кога ќе можат да ги нарачаат.


